27 Октомври – Светскиот ден на аудиовизуелно наследство е востановен од УНЕСКО, а го одбележуваат сите светски филмски архиви, кинотеки, музеи, библиотеки и организации кои работат на полето на заштитата на аудиовизуелната граѓа, предводени од Координативниот совет на здруженија на аудиовизуелни архиви. Со проекции, изложби, промоции, тркалезни маси, презентации и други настани и програми сите овие организации, тела и институции се обидуваат да го свртат вниманието кон неопходноста од заштита и сочувување на филмското наследство како дел од колективната културна меморија.
Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day of Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. По три и пол децении, УНЕСКО ја дополни и ја прошири таа првична препорака со нова, и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и на она во дигитална форма.
Управата за заштита на културното наследство во својство на правно лице и орган во состав на Министерството за култура и туризам како централна институција во единствениот национален и интегриран правен систем за заштитата на културното наследство, е дел од овој значаен систем на заштита и управувањето со културното наследство, секако водена од цврстата посветеност за негово трајно зачувување и светска промоција.
Согласно својата организациона поставеност, Управата ги спроведува административните и стручните постапки во процесите на идентификација, валоризација, заштита и користење на аудивизуелното наследство.
Во свет каде културното наследство се соочува со постојани закани и предизвици, останавме посветени на неговата заштита. Во изминатите две децении, и самата Управа помина низ исклучително динамични процеси, имаше свои подеми и падови, кои оставија сериозни последици и во делот на заштитата на културното наследство во нашата земја.
Ваквите закани и предизвици налагаат сериозна посветеност и активно ангажирање, воедно и континуирана соработка со мрежата на останатите институции одговорни за заштитата и управувањето со културното наследство, вклучувајќи го Секторот за заштита на културно наследство при Министерството за култура и туризам, заводите, музеите, конзерваторските центри, библиотеките, и Кинотеката.
На заштитата и негувањето на нематеријалното културно наследство, гледаме како на дел од свесната артикулација на колективната национална меморија во областа на културата и туризмот. Веруваме дека со градење доверба и партнерство, преку целосна транспарентност, остануваме посветени во намерите своите институционални и човечки капацитети да ги ставиме во функција на унапредување на заштитата и промоцијата на овој вид наследство, верувајќи дека го оставаме како темелна државна вредност, која треба да ја пренесеме на идните генерации.
Во овие мигови, оддаваме длабока почит и признание и на неуморните напори на стручните лица кои работеа и сѐ уште работат за заштита на аудиовизуелното наследство. Нивната посветеност и експертиза се од клучно значење за заштитата на нашето аудиовизуелно наследство и негово пренесување на идните генерации. Ја изразуваме нашата искрена благодарност до сите оние кои придонесоа кон оваа заложба.
Одбележувајќи пресвртница со прославување на Денот 27.октомври како меѓународен ден на аудиовизуелното наследство, го одбележуваме и нашиот 20 годишен јублеј, со што ја потврдуваме и нашата заедничка посветеност и колективна одговорност за зачувување на нашето културно наследство кое претставува извор на нашиот идентитет и традиција, како и непресушна инспирација и гордост. Заштитата на културното наследство не е единствено одговорност на институциите, туку колективен потфат кој бара активно учество на секој граѓанин, од најмала возраст. Остануваме посветени кон исполнувањето на целите на заштитата во насока на враќање и зајакнување на законските функции на Управата за подобра заштита на културното наследство.
Да го заштитиме и негуваме нашето културно наследство за сегашните и за генерациите кои доаѓаат.