На 5-ти и 6-ти февруари 2020 година во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Скопје – European House се одржа дводневен семинар на тема: „Поддршка на Европската Унија за културна соработка на Западен Балкан: Семинар за промоција и вмрежување“, на кој учествуваа и претставници од Управата за заштита на културното наследство.
Настанот беше организиран од страна на Министерството за култура (Канцеларијата на Креативна Европа – потпрограма Култура) во соработка со Европската комисија (Генерален Директорат ЕАК, Делегацијата на Европската Комисија во Скопје, Канцелариите на Креативна Европа и претставници на културниот сектор од релевантните држави на Западен Балкан: Република Босна и Херцеговина, Република Албанија, Косово, Република Србија, и соседните земји на овој регион, членки на Европската Унија: Република Грција, Република Бугарија, Република Словенија и Република Хрватска.
Во главниот фокус на овој настан беше Јавниот повик – проекти за културна соработка на Западен Балкан од Програмата Креативна Европа со акцент на комплексните регионални и европски културни политики. На средбата свои поздравни обраќања имаа H. E. Самуел Жбогар, Амбасадор во Делегацијата на Европската Унија и д-р Хисни Исмаили, Министер за култура. Настанот имаше интерактивен карактер и во таа насока г-ѓа Хелене Скикос, менаџер на програмата за мобилност на уметниците и меѓународна соработка при Европската комисија, повика на конструктивна и плодна дискусија со цел наоѓање на партнери од регионот и индивидуални консултации со претставниците на канцелариите на Креативна Европа – потпрограма Култура кои беа дел од семинарот.
На настанот присуствуваа претставници од државните институции и од невладиниот сектор. Од Управата за заштита на културното наследство учесници на семинарот беа м-р Жарко Станимировиќ и Драгана Апостолова од одделението за нематеријално културно наследство и м-р Мими Ѓоргоска – Илиевска од одделението за движно културно наследство.