Состаноци на Хашката конвенција за заштита на културното наследство во случај на вооружен судир

Делегацијата на Република Македонија, предводена од директорката на Управата за заштита на културното наследство, г-ѓа Честоева, учествува на серија состаноци посветени на Хашката конвенција за заштита на културното наследство во случај на вооружен судир кои се одржуваат во седиштето на УНЕСКО во Париз, во периодот од 1 до 5 декември 2025 година.

Честоева имаше чест да се обрати во име на нашата земја во делот на состанокот на Високите договорни страни, како потписничка на Конвенцијата и нејзините два протоколи. Таа истакна дека Управата за заштита на културното наследство е највисоката национална институција одговорна за заштита на културното наследство и дека е целосно посветена на спроведување на обврските утврдени со Конвенцијата.

Во своето обраќање, директорката Честоева нагласи дека културното наследство во современи услови се соочува со сериозни ризици и дека станува сè повеќе цел на вооружени судири и модерно војување. Таа посочи дека е должност на државата да обезбеди статус на засилена заштита (enhanced protection) за најзначајните споменици и културни објекти, со цел нивната заштита и зачувување за идните генерации.

Управата за заштита на културното наследство ќе продолжи да соработува со Комитетот на Конвенцијата и со сите држави потписнички, со цел унапредување на нејзините цели и протоколи, како и зајакнување на механизмите кои обезбедуваат заштита на културното наследство.

Bookmark the permalink.

Comments are closed