Директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска од 19 -20 јуни 2019 год. оствари работна посета на Советот на Европа во Стразбур.
Во текот на посетата беше одржан работен состанок на највисоко ниво со г-ѓа Габриела Батаини-Драгони, Заменик-Генерален секретар на Советот на Европа на кој се дискутираше за поддршката на Советот на Европа на нашата земја во сферата на заштитата на културното наследствово минатото (преку Регионалната програма за културно и природно наследство во Југоисточна Европа), но и нејзино зајакнување во иднина. Подвлекувајќи ја силната улога на културата и културното наследство за развојот, г-ѓа Батаини-Драгони предложи експертска поддршка од страна на Советот на Европа за изготвување на инвентар (регистар) на културно наследство, за идентификација на културно наследство во опасност и утврдување приоритети за негова заштита, како и за промовирање на Рамковната конвенција на Советот на Европа за значењето на културното наследство за општеството (Фаро Конвенција). Исто така беше отворено и прашањето за приклучување на нашата земја кон програмата за културни рути на Советот на Европа.
Беше остварена и работна средба со Н.Е. г. Мануел Монтобио, Амбасадор и Постојан претставник на Шпанија во Советот на Европа, воедно и претседавач на Европскиот центар за глобална независност и солидарност на Советот на Европа (попознат како Центар Север-Југ), кој ги презентираше клучните активности на центарот во образованието и културата. Заедно со поканата за приклучување на нашата земја и во оваа иницијатива на Советот на Европа, се утврдија повеќе клучни сегменти за соработка и во сферата на заштитата на културното наследство.
На работните средби присуствуваа и членовите на делегацијата: Кристина Бицева-Стојковска, советник во Управата за заштита на културното наследство, Олгица Василевска, вд.амбасадор и Ибрахим Кадриу, втор секретар од Постојаната мисија на Република Северна Македонија при Советот на Европа.