Светскиот ден на туризмот се одбележува на 27 септември уште од 1980. На овој датум во 1970 година бил усвоен статутот на Светската туристичка организација на Обединетите нации (UNWTO), што се смета за пресвртница во глобалниот туризам. Целта на овој ден е да се подигне свеста за улогата на туризмот во меѓународната заедница и да се демонстрира како таа влијае на социјалните, културните, политичките и економските вредности во светот.
По повод Светскиот ден на туризмот 2018, Управата за заштита на културното наследство ги избра културните рути и нивната улога во развојот на културниот туризам за одбележување на овој значаен ден.
Културното наследство пренесува приказни за региони, земји и цели континенти создавајќи идентитет за секој поединец. Во време на растечки меѓусебни влијанија и искуства и зголемена хомогенизација, знаењето на сопствената историја е сè поважно. Покрај потрагата по своите корени, постои зголемена љубопитност за другите култури. Овој тренд се рефлектира и во зголемувањето на побарувачката за културен туризам.
Туристите кои посетуваат културни обележја (археолошки локалитети, музеи, историски зданија) сметаат дека ваков вид на патувања се повпечатливи во однос на конвенционалните патувања од причина што овозможуваат да се научи нешто ново. Ваквиот фокус кон збогатување со нови информации е забележлив глобален тренд во патувањата. Културниот туризам привлекува туристи кои честопати го продолжуваат својот престој поради активности кои произлегуваат од посетата на културните обележја. Токму ваквите посетители придонесуваат повеќе за локалната економија во однос на конвенционалните туристи.
Придобивките од културниот туризам во голема мера се однесуваат на економскиот развој, но се забележуваат и во други општествени сфери, како и кај животната средина. Тие вклучуваат зголемен прилив на приходи од туристичките посети, создавање нови работни места, бизниси и атракции, активно зачувување и заштита на важни локални ресурси, подобрување на претставата за заедницата (општеството) во глобални рамки, поттикнување на инвестиции во ресурси и објекти кои се во прилог на туристичките услуги итн.
Во Европа е забележлив порастот на туристи чија цел е посетата на културни и историски објекти и од оваа причина се настојува што е можно повеќе да се искористат придобивките од овој тренд. Дел од фондовите на ЕУ овозможуваат финансирање во форма на грантови со цел да им се помогне на земјите-членки и земјите-кандидати во обезбедување на потребна инфраструктура или градежни зафати неопходни за приспособување на одреден културен објект или обележје за посета на што поголем број туристи.
Во оваа насока е и поддршката и помошта од страна на Советот на Европа за формирање т.н. културни рути, (https://www.coe.int/en/web/cultural-routes) која доби уште поголемо значење преку соработката на Советот на Европа и Европската Комисија. Во овој контекст, културна рута претставува (физичка) патека или пат, или, пак, дефинирана географска област, која минува низ различни региони, па дури и држави, кои споделуваат заедничка историска, културна или општествена карактеристика. Овие рути можат да покажат како различни култури придонесуваат за заедничкото европско културно наследство. Тие ја покажуваат разновидноста на живите култури и го поврзуваат локалното наследство со европските идеи. Многу културни рути привлекуваат внимание на помалку познати теми и аспекти на европската историја и европските култури. На тој начин овозможуваат откривање нови дестинации и обелоденуваат заборавени или скриени аспекти на заедничкото наследство. Преку развојот на културни рути, жителите на Европа учат повеќе да ја ценат сопствената култура, историја и наследство. Културните рути се базираат на културна и туристичка соработка, со цел развивање на една или повеќе вакви рути.
Клучните заклучоци кои произлегле од досегашните искуства со постоењето на културни рути се следниве: тие поседуваат голем потенцијал за позитивен економски развој, меѓукултурен дијалог и европски вредности; поттикнуваат соработка преку културни активности на регионално и европско ниво со што, од своја страна, придонесуваат до зголемена свест за заедничко европско наследство.
Културните рути на Советот на Европа треба да претставуваат мрежа од најмалку 3 земји кои се членки на ЕУ или се потписнички на Европската конвенција за култура (оваа Конвенција е ратификувана од Република Македонија во 1995 год.). Предложените проекти (рути) треба да бидат финансирани од сопствени средства и да користат сопствени човечки ресурси. Овие рути треба да бидат придружени со туристички производи во форма на водичи, дополнителна документација и сл., како и со разни културно- уметнички манифестации. За да се стекне статус на официјална културна рута на Советот на Европа, потребно е по изборот на темата (називот на рутата) и партнерите да се поднесе апликација до Европскиот институт на културни рути (EICR) (http://www.culture-routes.net/the-institute) кој претставува централно координативно тело за менаџирање и имплементација на програмата за Културни рути. Подготовката на досието за апликација е комплексен процес и бара значително искуство на знаење во оваа област. Крајната цел на овој процес е добивање сертификат за официјална Културна рута, но целиот процес може да трае неколку години со оглед на многуте аспекти кои се опфатени: транснационален, туристички, економски, социјален, културен и иновативен.
Во следниве години, ЕУ ќе го зголеми финансирањето во областа на културниот туризам, а оттука соработката на Советот на Европа со ЕУ во областа на културните рути е од големо значење.
Културни рути во Република Македонија
Иако во Република Македонија честопати се јавувале иницијативи за соработка помеѓу туристичкиот сектор и институциите на културното наследство, оваа соработка сè уште не резултирала во позначителни проекти кои би имале забележливо влијание на економскиот развој. Кога станува збор за културни рути, досега единствено се забележува означување на велосипедски патеки кои поврзуваат одредени точки на културни обележја, но не постои културна рута во вистинска смисла на зборот.
Од причина што добивањето на статус „Официјална културна рута“ на Советот на Европа е долг и комплексен процес за кој е потребно искуство во поставување, менаџирање и одржливост на културни рути, од голема полза би било Република Македонија да започне со процесот на формирање културна рута која не е неопходно да го поседува овој статус, со цел да го достигне потребното ниво кога ќе се утврди дека ги исполнува условите потребни за добивање на сертификатот.
Од причина што овој концепт е сè уште во зачеток во Република Македонија, потребно е да се водат дискусии и дебати на оваа тема со цел да се подигне свеста за нејзиното значење, како за промоција на културното наследство, така и за развој на туризмот, и во крајна линија исползување на оваа соработка за приходи во економскиот сектор.
Со оглед на тоа што културните рути се замислени како поврзување на повеќе релевантни општествени сектори и чинители, потребно е иницирање на стручни дискусии на оваа тема кои би ги споиле овие општествени актери со цел споделување мислења, отворање на дебати за одредени прашања, и конечно, за утврдување на насоката во која треба да се движи Република Македонија во поглед на официјализирање на културни рути со фокус на културното наследство. Во оваа насока, Управата за заштита на културното наследство ја изразува својата подготвеност за соработка и поддршка на иницијативите за креирање културни рути поврзани со културното наследство на Република Македонија, со цел зајакнување на неговата промоција и популаризација.