Во периодот од 22 до 24 октомври 2025 година, претставници од Управата за заштита на културното наследство учествуваа на Петтата меѓународна конференција DARIAH-HR International Conference: Digital Humanities & Heritage 2025, која се одржа на Универзитетот „Јосип Јурај Штросмајер“ во Осиек, во организација на Академијата за уметност и култура и Факултетот за агробиотехнички науки од Осиек, Република Хрватска.

Конференцијата претставува значаен настан во областа на дигиталните хуманистички науки и културното наследство, обединувајќи истражувачи, експерти и институции од различни европски земји кои работат на развој и примена на дигитални технологии во заштитата, интерпретацијата и презентацијата на културното наследство.
Претставниците на Управата активно учествуваа со свои презентации и придонесоа во дискусиите поврзани со процесите на дигитализација, 3Д документирање и дигитална конзервација на културното наследство. Покрај научниот дел од програмата, беше одржан и работен состанок на кој се разговараше за можностите за вклучување на Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија како институционална членка во европската истражувачка инфраструктура DARIAH-EU (Digital Research Infrastructure for the Arts and Humanities).

Оваа иницијатива претставува важен чекор кон унапредување на регионалната и европската соработка во областа на дигиталното културно наследство, како и кон посилна интеграција на македонските институции во современите европски истражувачки и дигитални процеси.


