Во периодот од 24 јуни до 4 јули 2018 година, во Манама, Бахреин, се одржа 42та сесија на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО.На сесијата беа разгледувани извештаите на советодавните тела на УНЕСКО за прашања поврзани со добрата кои се наоѓаат на Листата за Светско наследство на УНЕСКО, стратешки документи за управување со Светското наследство, состојбата со заштитата на Светското наследство, Листата на заштитени добра во опасност, Тентативната листа со заштитени добра, нови номинациски досиеја за впишување на добра на Листата на Светско наследство и др. Беа разгледани суштинските прашања поврзани со заштитата и управувањето со Светското наследство, проблемите со кои се соочуваат земјите членки пред се како резултат на урбаниот развој но и несоодветните механизми на управување, можните идни активности за справување со предизвиците кои произлегуваат од управувањето со светското наследство и сл.
Делегацијата на Република Македонија, која ја сочинуваа м-р Билјана Прентоска – Генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО за Република Македонија, Христијан Ѓоргиевски – советник во Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија и м-р Зоран Павлов, Раководител на Сектор за меѓународна соработка, документација и дигитализација на културното наследство од Управата за заштита на културното наследство, присуствуваше на делот од сесијата на која се разгледуваа состојбите со заштитата на добра впишани на Листата на светско наследство во опасност и на Листата на светко наследство. Одлуките кои беа донесени од страна на Комитетот за светско наследство како и неговиот пристап во третманот на наследството во целина се особено важни имајќи предвид дека заштитата на Природното и културното наследство на Охридскиот регион ќе биде предмет на разгледување на следната 43 сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во 2019 година, особено во однос на препораките од Одлуката од Краков (2017) кои треба да бидат исполнети до крајот на наредниот извештаен период (01 декември 2018 година).
Од страна на Комитетот беше потврдена и Тентетивната листа (според процедурите на УНЕСКО, секое добро треба да биде најмалку една година на оваа листа пред да се отпочне процедурата за изработка на номинациското досие). Сепак, еден од главните акценти во работата на Комитетот беше даден на новите номинации за впишување на добра на листата на Светско наследство – од пристигнатите 31 номинација кои беа разгледувани од страна на Комитетот, оваа година на Листата на светско наследство беа впишани 13 културни добра, 3 природни добра и 3 мешовити добра, како и прифаќање на една промена на границите на доброто.
Комитетот го дефинираше и начинот на распределба на средствата од Фондот за светско наследство како и можните начини за изнаоѓање на дополнителни извори на приходи врз основа на изразените барања на државите членки.
Во текот на одржувањето на сесијата на Комитетот, беа остварени повеќе средби со претставници на земјите-членки на Комитетот за Светско наследство и на потписничките на Конвенцијата за Светско наследство, како и со претставници од советодавните дела на УНЕСКО – ИУЦН, ИКОМОС и ИКРОМ, на кои беа разговарани прашања поврзани со состојбите на Светското културно и природно наследство на Охридскиот регион, можните начини на соработка и размена на искуства на полето на заштитата на светското наследство.
На крајот од работата на Комитетот беше донесена Одлука следната 43 сесија на Комитетот за светско наследство во 2019 година да се одржи во Азербејџан.
Целосните информации за текот на 42та сесија на Комитетот за Светско наследство на УНЕСКО, како и сите Одлуки кои беа донесени од страна на Комитетот достапни се на веб страната на Центарот за светско наследство на УНЕСКО: http://whc.unesco.org/en/sessions/42com/