Во просториите на Управата за заштита на културното наследство, на 28.11. 2025 година се одржа онлајн состанок на директорката г-ѓа Весела Честоева, со членовите на бордот на директори на DARIAH-EU конзорциумот, предводени од д-р Агиати Бенарду од Р. Грција и д-р Сузан Шрајбман од кралството Холандија. Состанокот го проследија и 8 претставници од 4 одделенија на Секторот за меѓународна соработка, документација и дигитализација при Управата.

На овој билатерален состанок беше разговарано за можноста за основање национален конзорциум на DARIAH-EU во Македонија и за формите и начините на вклучување на Управата за заштита на културното наследство во оваа реномирана европска истражувачка инфраструктура за дигитализација во културата, уметностите и културното наследство.

За конкретните придобивки и потенцијални обврски што секоја земја членка ги има откако рамноправно ќе пристапи до овој ексклузивен круг на чинители во културата, како и за актуелниот Стратешки план за работа и политики на оваа Дигитална истражувачка инфраструктура за уметност и хуманистички науки -ДАРИАХ), презентација одржа д-р Едвард Ј. Пинот Греј, од Република Франција, по што разговорите беа насочени кон можностите за соработка на Република Македонија со останатите европски земји членки во програмите за дигитализација на културното наследство, во кои Управата за заштита на културното наследство како орган во состав на Министерството за култура и туризам би партиципирала како носител на програмата.

Директорката на УЗКН г-ѓа Честоева во своето обраќање информираше за состојбите со дигитализацијата на културното наследство во нашата земја, по што дел од прашањата на присутните се однесуваа и на процесите на интегрирање на сите национални, матични институции во заштитата на културното наследство, вклучувајќи ги и овластените субјекти за заштита на аудиовизуелните и нематеријалните културни добра, потоа на формите на обуки на заинтересираните правни субјекти од заштитата на културното наследство и нивно вклучување во европското дигитално истражувачко опкружување.

Овој ангажман на Управата за заштита на културното наследство претставува значаен чекор кон зајакнување на меѓународната соработка и подобрување на видливоста и достапноста на нашата земја до ресурсите и фондовите за културно наследство на европско тло, воедно состанокот претставуваше и еден од посериозните чекори направени во последно време во преговорите за воспоставување формална соработка на Република Македонија и Европската Унија во делот на дигитализацијата и заштитата на културното наследство преку мрежата на DARIAH-EU.


