Од 30 октомври до 2 ноември 2018 година во Киев – Украина во организација на Министерството за култура и Национална институција за заштита на историските и културни вредности на Киев – Печерска лавра, а со поддршка на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, се одржа меѓународен семинар на тема „Живо религиско наследство: партиципативно управување и одржлив развој“. Семинарот, фокусиран на идниот развој на иницијативата на УНЕСКО за Религиското наследство темелена на принципите развиени во рамките на циклусот на тематски експертски средби на сајт менаџерите на светско наследство од религиски интерес, го отворија Министерот за култура на Украина г. Јевен Нишчук, Заменик министерот за култура на Украина г-ѓа Тамара Мазур, Заменик министерот за социјална политика на Украина за Европска интеграција г-ѓа Александра Чуркина како и Генералниот директор на Национална институција за заштита на историските и културни вредности на Киев-Печерска лавра г. Александар Рудник.
Главните цели на овој семинар, на кој учествуваа експерти и преставници на религиски заедници од 16 земји во светот, беа да се зголеми интересот на религиските заедници во процесот на заштита, управување и одржливо користење на Светското наследство, начините на зајакнување на капацитетите на националните стручни служби на полето на заштита и обнова на културните споменици, како и спецификите на заштитата на Светското наследство од религиски интерес во контекст на глобалните предизвици и закани.
Оваа средба се очекува да придонесе кон понатамошно спроведување на релевантните препораки за Наследството од религиски интерес како и кон развојот на генерално уптаство за управувањето со природното и културното наследство од религиски интерес, препорачано од Комитетот за Светско наследство (УНЕСКО, 2011).
На семинарот учествуваше м-р Зоран Павлов, раководител на сектор во Управата за заштита на културното наследство, кој говореше за заштитата и управувањето со религиското наследство во Охридскиот регион како светско наследство.
На Семинарот беа усвоени и Заклучоци и препораки кои ќе бидат проследени и до Центарот за светско наследство на УНЕСКО.