Најновите археолошки истражувања на тврдината ”Маркови Кули„ на Водно

(Најсилната тврдина во Македонија, главната заштита на неоткриениот град Јустинијана Прима)

Археолошкиот локалитет ”Маркови Кули-Водно„ се наоѓа југоисточно од центарот на Скопје на местото наречено ”Марково Крувче„ на околу 570 метри надморска висина, од каде што има идеален поглед и визуелна комуникација со околните тврдини далеку кон север, исток и југ.

На ден 14. 08. 2020 година директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов со стручниот тим го посети овој локалитет при што, од раководителот на археолошките истражувања археологот м-р Киро Ристов и неговиот помошник археологот Игор Толевски беше запознат со досегашните резултати од ископувањата.  Исто така беше извршен увид на местото каде што се поставени сондите од актуелните истражувања и беа разменети искуства за конзервацијата и начинот на презентирање на археолошкиот локалитет ”Маркови Кули-Водно„ за негово вклопување во туристичката мапа на градот, особено заради тоа што во непосредна близина на локалитетот условите се идеални за рекреативен туризам.

На Археолошкиот локалитет ”Маркови Кули-Водно„ е интервенирано повеќе пати и тоа првите археолошки ископувања се изведени во периодот од 1976 – 1980 година, претежно сконцентрирани на дел од акрополата, кога се истражувани повеќе објекти. Потоа во периодот од 2005 – 2008 година се вршени истражувања во централниот дел на тврдината, а во текот на 2014 и 2015 година истражувања се изведени на западната триагонална кула со челниот бастион. Во текот на 2017 година истражувањата се насочени кон дел од северниот одбранбен ѕид, на потегот од составот со челниот бастион, до составот на северниот попречен одбранбен ѕид на акрополата. Покрај одбранбениот ѕид откриени се и повеќе градби – две цистерни за складирање на вода, бања, дворец, воени бараки и др.

Заради добивање на целосни информации за бедемот, оваа година археолошкаите истражувања се насочени кон откривање на неговата јужна траса на потегот од бастионот на западната страна кон исток, до попречниот ѕид на акрополата.

Според професорот д-р Иван Микучиќ оваа голема и невообичаено силна тврдина, изградена во првата половина на 6. век, со ѕидови широки 1,8 до 2,55 метри, кои биле зајакнати со вкупно 35 кули, е најсилната тврдина во Македонија и пошироко и служела како главна заштита за сеуште неоткриениот град Јустинијана Прима, кој што лежи некаде под денешното наше Скопје. Кон крајот на 6. век оваа тврдина била напуштена, а во средниот век, најверојатно во 10. век повторно обновена, но само во делот на акрополата и продолжува да егзистира се до доцниот среден век.


Bookmark the permalink.

Comments are closed