Археолошкиот локалитет Скупи се наоѓа во западниот дел од подножјето на Злокуќанско Кале во Општина Карпош, Скопје. Градот Скупи за време на римското владеење е населен со римски воени ветерани, со што добива статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим. Како единствена римска колонија на територија на Република Македонија, локалитетот Скупи е еден од најзначјните археолошки локалитети во Македонија.
Точната идентификација на Скупи во подножјето на Злокуќанско Кале ја прави познатиот истражувач Артур Еванс во 1883-та година, а планирани археолошки истражувања на театарот прв пат се превземени од Никола Вулиќ од 1935-1937 година. Подоцна, Д. Рендиќ – Миочевиќ продолжува со истражувањата на истиот објект во 1959-1960 година. Со истражувањата е утврдено дека античкиот театар на кој може да присутвуваат приближно 9000 гледачи, е најголем и најипозантен антички театар и архитектонски објект од периодот на римската империја.
Во 2013-та година започнати се последните систематски истражување со цел за конзервација, реставрација и реконструкција на театарот во Скупи реализирани од ЈУ Музеј на град Скопје во соработка со Катедрата за Историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет од Скопје, под раководство на доц. д-р Антонио Јакимовски и беа завршени во мај 2016 година. За време на археолошките истражувања се пронајдоа неколку илјади артефакти, како и градежни елементи со кои се добија информации за неговиот изглед.
По завршените археолошки истражувања се направи основен план за конзервација на сценската зграда и идеен и основен план за конзервација, реставрација и реконструкција на гледалиштето на театарот од страна на стручен тим составен од НУ Конзерваторски центар – Скопје.
Во периодот од март до јуни 2016 година се заврши конзервацијата на театарската зграда, а во октомври 2016 година се започна и конзерваторски работи на гледалиштето. Со комплетна реконструкција на гледалиштето, неговиот капацитет ќе биде 9.000 седишта.