Објавен во весникот brif.mk
Општина Демир Хисар, избран Град на културата во Република Македонија за 2018 година, продолжува со организација на културни настани.
Денес на иницијатива на најмалата библиотека во светот, библиотеката „Ал-Би“ која се наоѓа во селото Бабино, локалната самоуправа го одбележа Светскиот ден на книгата и авторските права, настан кој го поддржаа Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство во Република Македонија.
– Селото Бабино е со најмногу учители и учени луѓе. Село со најмногу книги зачувани во најубавиот македонски, европски и светски храм на книгата, библиотеката „Ал-Би“. Демир Хисар е македонски непресушен духовен изворник на писатели, поети, режисери, сликари, документаристи, раскажувачи, романсиери, критичари, фолклористи, есеисти, преведувачи,научни работници, хуманисти, библиографи, публицисти…или, цел еден изворник кој може да се каже со зборовите – воини на духот и перото, истакна градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски.
На свечениот настан, во дворот на библиотеката „Ал-Би“, сопственикот Стево Степановски, посочи дека за прв пат во едно село со 3 постојани жители се одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право.
– Со неодминливиот факт дека во едно село со три жители се одбележува светскиот ден на книгата, ние денес влегуваме во колективната меморија на УНЕСКО. Среќен сум, рече Степановски што оваа година од Демир Хисар, Републиката очекува да ја физиономира културната слика за 2018 година.
По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, на културниот настан во Бабино беше прочитано пригодно обраќање од министерот за култура Роберт Алаѓазовски, а претставници на Управата за заштита накултурното наследство во Република Македонија во библиотеката „Ал-Би“ донираа книги.