На 27 ноември 2018 година, во НУ Музеј на Македонија и во нивна организација, се одржа завршниот настан за одбележување на Европските денови на културното наследство во Република Македонија. Свечениот настан беше отворен од страна на директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова – Митевска, која во своето обраќање истакна дека благодарение на Европската година на културното наследство 2018 и Европските денови на културното наследство, културното наследство e сѐ поблиску до пошироката јавност и доби видливост која во последните децении не беше на највисоко ниво. Оваа година културното наследство го доби своето заслужено место на тој начин што Европската комисија најави дека ќе биде подготвен акциски план со кој европското културно наследство во наредните години ќе биде приоритет во креирањето на културните политики. Понатаму додаде дека, Европските денови на културното наследство претставуваат стара манифестација, започната од Советот на Европа во 1985 година, а веќе од 1999 година оваа манифестација е препознаена и од Европската Унија, а со тоа, овие денови се празнуваат во 50 земји-членки низ Европа од страна на осумстотини милиони европјани. Четирите приоритети на Европската година на културното наследство: вклученост, одржливост, иновација и зачувување на европското културно наследство, можат да се согледаат во организирањето и на овие Денови. За крај додаде, дека секој настан организиран во рамките на ваквите иницијативи, придонесува во подигнувањето на свеста за вредноста и значењето на културното наследство и за негова поголема видливост и повика на вклученост во овие активности не само од институциите, туку и од секој поединец со цел популаризација на културното наследство како значаен сегмент во културата и во секојдневното живеење.
По обраќањето на директорката, следуваше презентација за организирањето на Европските денови на културното наследство од 1991 до 2018 година во Република Словенија од страна на Наташa Горенц од Институтот за заштита на културното наследство од Словенија.
Понатаму во рамките на овој настан, беа доделени и благодарници од страна на Музејот на Македонија, матична установа за организирање на Европските денови на културното наследство во Македонија, на институции и поединци кои земале учество во овогодинешната манифестација, а на крај директорката д-р Елеонора Петрова – Митевска ја отвори и изложбата на плакати од Словенија за Европските денови на културното наследство низ годините, насловена како ,,Уметноста на споделувањето“.