Започна серијата настани за студентите ,,(Не)видливиот музеј“, во рамките на ,,Европската година на културното наследство 2018“

Обајвен од весникот Република

Група студенти од Факултетот за драмски уметности-Скопје, Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска, филмска и танцова академија (ЕФТА) и од Државниот универзитет во Тетово, вчера остварија студиска посета на Кинотеката на Македонија и со тоа се означи почетокот на активноста ,,(Не)видливиот музеј“ посветена на студентите, во рамките на Програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018 која ја спроведува Управата за заштита на културното наследство.

При оваа посета, студентите се запознаа одблизу со работата на Кинотеката на Македонија, нејзината улога во заштитата, чувањето и презентацијата на аудиовизуелното наследство и со процесите на обработка, заштита и реставрација на аудиовизуелните добра. На отворањето на овој едукативен настан, свое обраќање имаше Валентино Димитровски, раководител на Одделението за движно културно наследство од Управата за заштита на културното наследство, којшто ја потенцираше важноста од воведувањето на предметот аудиовизуелно архивирање на Факултетот за драмски уметности, како и отворањето на катедра за аудиовизуелно архивирање во рамките на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – Европска, филмска и танцова академија (ЕФТА). Истовремено додаде дека ваквите настани се исклучително значајни за афирмација и подигање на свеста кај младите за огромното значење на аудиовизуелното наследство и негово пренесување на сегашните и идните генерации. Студентите имаа можност да проследат и проекција на дигитално реставрираниот документарен филм ,,Македонија во слики, 1923“ од Арсениј Јовков.

,,(Не)видливиот музеј“ претставува серија настани за студентите, организирана со цел збогатување на студиските програми со практична настава и запознавање со работата на музејските установи ,,зад сцената“, воспоставување на меѓуинституционална соработка, особено зајакнување на соработката со високообразовните институции, како и зголемување на интересот на студентите за музејската дејност и движното културно наследство. Во рамките на оваа серија со едукативен карактер, ќе бидат вклучени и студентите од Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет-Скопје, од Етнолошкиот факултет, од Факултетот за ликовни уметности и од Универзитетот Фонтис од Холандија, кои во текот на април ќе остварат студиски посети во Музејот на Македонија, Археолошкиот музеј на Македонија и Музејот на современа уметност.

Помеѓу целите на овие студиски посети се и запознавање на младата популација, односно студентите, со културните (движни) добра на Република Македонија, подигнување на свеста за значењето на вредностите на културното наследство, развивање на свеста за грижата и почитување на културното наследство, ангажирање на младите во заштитата и грижата за културното наследство, како и запознавање со работата на Управата за заштита на културното наследство и со одговорните институтции за заштита и управување со движното културно наследство.

Bookmark the permalink.

Comments are closed