Археолошкиот локалитет „Пржалка“, с.Сирково, римски vicus, кој според остатоците од материјалната култура (градежна и садова керамика) може да се датира од II до V век од н.е., се протега на површина на стационажа км 16+250 до км 16+500 која е предвидена со експресниот пат А1 Градско-Прилеп.
На ден 25.08.2020 година, директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов со стручен тим го посети овој локалитет, при што, од раководителот на археолошките истражувања д-р Миле Велчовски, археолог, конзерватор советник и заменик раководителот м-р Пере Арџанлиев, беше запознаен за досегашниот тек на контролните археолошки истражувања, чија цел е да се утврди дали на просторот предвиден за изградба на експресниот пат А1 Градско-Прилеп, покрај видливите фрагменти од градежна и садова керамика, постојат и други археолошки содржини, големината на локалитетот, неговите стратиграфски слоеви, идентификација, заштита и документирање на сите археолошки појави, изработка на општ ситуационен план со точна позиција на отворените археолоши сонди, како и дали на предметната локација може да се продолжи со градежни активности.
Истражувањето го врши НУ Националниот конзерваторски центар – Скопје, со стручен тим од археолози, архитектонски документатор, фото документатор, препаратор и цртач. Врз основа на претходно извршени археолошки анализи на археолошкиот локалитет „Пржалка“ , с.Сирково, постојат индиции дека има можност за постоење на населба од раноримски и доцноримски период. Доколку бидат откриени археолошки содржини на предвидената локација НУ Националниот конзерваторски центар – Скопје ќе иницира постапка за изработка на Елаборат за привремена заштита, при што ќе се определи и режим на заштита.