Од 11-12 април 2019 година, во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а со поддршка од Град Скопје, се одржува конференција на тема ,,Популаризација на културното наследство во Скопје и Скопско“, на која учествуваат реномирани домашни стручни лица од областа на заштита и популаризација на културното наследство.
На отворањето на конференцијата се обрати проф.д-р Љубица Јанчева, претседателка на Советот на Град Скопје, која ја подвлече поддршката која Градот Скопје ја дава на културното наследство, особено во рамките на последниот тековен проект ROCK во рамките на кој ќе следуваат активности за пристапност и туристичка промоција на Скопското Кале.
На свеченото отворање свое обраќање имаше и директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова-Митевска, која говореше за потребата од популаризацијата на нашето материјално, а особено на нематеријалното културно наследство, а во таа насока на Институтот за литература му подари Извод од регистрите за недвижно, движно и нематеријално културно наследство на територијата на Градот Скопје и неговата околина, со цел да послужи за идните истражувања во оваа област. Понатаму во својот говор, направи преглед на сите заштитени добра на територија на Скопје и Скопско, а додаде и дека врз основа на потпишаниот меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и Управата за заштита на културното наследство, Советот на Град Скопје, донел одлука за уредување, ревитализација, одржување и заштита на Скопското Кале, во насока на поттикнување на културниот туризам.
Директорката на Институтот за литература, Проф.д-р Маја Јакимовска – Тошиќ ја искажа својата искрена благодарност до директорката на Управата за збогатувањето на нивната документација, истакнувајќи дека улогата на наследството денес сè повеќе вклучува и пошироки феномени – политички идеи, економски и туристички развој, општествена кохезија и културна разноликост.
И токму во таа насока, на конференцијата се застапени трудови кои разгледуваат повеќе различни аспекти на културното наследство, меѓу кои и управувањето со наследството преку неговата правна заштита и третман.