Едукативен час ,,Го сакам и се грижам за моето културно наследство“ во Охрид

Во пресрет на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, на 17 април 2019 година,  во црквата Св.Софија во Охрид, се одржа вториот едукативен час на тема ,,Го сакам и се грижам за моето културно наследство“, во организација на Управата за заштита на културното наследство, а во соработка со ОУ ,,Григор Прличев“ од Охрид.

Едукативниот интерактивен час, беше реализиран од страна на стручните лица од Управата, м-р Ана Алексова и Александар Арсовски и наставничките Биљана Иваноска и Валентина Трпческа од основното училиште ,,Григор Прличев“. Часот, со  учениците од петто одделение, започна со прошетка и разглед на заштитеното недвижно добро, при што им беше одржано кратко предавање за вредностите и историјата на црквата Св. Софија. Потоа, во дворот на Григориевата галерија, им беше поделена специјално изготвена наменска Боенка во која ја боеа илустрацијата на која е прикажана  црквата Св. Софија со поглед на Григориевата галерија. На крајот на часот Управата за заштита на културното наследство подари пакет боенки на основното училиште ,,Григор Прличев“ за да им служи во реализирање на наставните активности поврзани со културното наследство во иднина.

Специјално изготвената наменска Боенка е во издание на Управата за заштита на културното наследство и истата содржи разновидни илустрации со културни добра од нашата држава (движни и недвижни, материјални и нематеријални) збогатени со истражувачки прашања и насоки.

Овој едукативен час беше организиран во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведуваше под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“ и истиот се реализира со поддршка од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието на Република Македонија.

Ова беше втората организирана посета во рамките на ,,Го сакам и се грижам за моето културно наследство“ во форма на воннаставна активност, а во иднина ќе се реализираат уште такви соработки со основните училишта низ нашата земја, со организирање на еднодневни посети на споменици и локалитети во Република Македонија при што преку интерактивна настава учениците од четврто и петто одделение ќе се запознаваат со вредноста и значењето на нашите културни добра.

Целите на оваа едукативна активност се запознавање од најрани години  со културните добра на Република Македонија; подигнување на свеста за значењето и вредностите на културното наследство од најрани години; развивање на свест за грижа и почитување на културното наследство; ангажирање на младите во грижата за културното наследство и запознавање на младите со работата и улогата на Управата и културните институции од областа на заштитата на културното наследство.

Bookmark the permalink.

Comments are closed