Историските звучни снимки за Балканот од германските архиви предизвикаа огромен интерес
На овој интердисциплинарен дијалог во Сараево зедоа учество 45 академски истражувачи од различни земји од Светот, а од нашата земја, како претставник на Управата за заштита на културното наследство, учествуваше Ивона Опетческа-Татарчевска – виш соработник за фоклорни добра
Во организација на Факултетот за музичка уметност во Сараево и Музиколошкото друштво на Федерацијата Босна и Херцеговина, од 28 до 30 октомври 2010 година се одржа биеналниот меѓународен симпозиум на тема: „Музиката и општество“. За тоа, каде е местото на различните музички жанрови во општествените случувања во историски и современ контекст, 45 академски истражувачи од: Босна и Херцеговина, Хрватска, Канада, САД, Сингапур, Шри Ланка, Македонија, Србија, Турција, Германија, Австрија, Финска, Велика Британија, Белгија и Словачка презентираа свои видувања за:
• историските аспекти на музиката во периодот на Австро-унгарската монархија;
• репрезентацијата и зачувувањето на нематеријалното културно наследство;
• заштитата на музичкиот културен простор;
• преиспитување на историските извори во архи вски и комерцијален контекст;
• историски извори за музиката на балканските доселеници во Турција;
• значењето на музичките педагози во музичкиот живот;
• звуковната постмодерна;
• образовни музички софтвери.
Од посебно значење беа предавањата на раководителот на Одделот за балканска музика од Берлинскиот фонограмски архив, д-р Сузане Циглер, која ги презентираше историските звучни снимки од Балканот во германските архиви, како и презентацијата на д-р Герда Лехлајтнер, која зборуваше за историските колекции во Фонограмскиот архив во Виена.
На овој интердисциплинарен дијалог во Сараево во концертна форма беше презентирана традиционалната вокална музика од сите кантони во Босна и Херцеговина, современата босанска класична музика, а исто така беше организирана и еднодневна екскурзија низ богатото со архитектонски слоеви Сараево.
На овој симпозиум Управата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура, имаше свој претставник, Ивона Опетческа-Татарчевска, виш соработник за фоклорни добра, која го презентираше научниот труд: „Македонскиот модел за зачувување на нематеријалното културно наследство“.