На 28-ми и 29-ти октомври во Битола се одржа третиот Меѓународен форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО на тема, „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија/КОВИД 19 предизвици и искуства“.
Во рамките на двата дена високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во сферата на креативните индустрии, се претставија, разменија искуства и разговараа за можностите за соработка и излез од кризата која ја наметна пандемијата на една од, дотогаш, најбрзо растечките економии во светот.
На Форумот присуствуваа претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, Кинотеката, невладиниот и бизнис-секторот , а преку on-line streaming со свои презентации се вклучија и претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Брадфорд, Тераса, Галвеј, Бристол, Потсдам, Бусан, Софија, Сарево и други.
На првиот ден покрај претставувањето на повеќе домашни учесници беа организирани и проекции на филмови од филмските градови на УНЕСКО, како и посета на возобновеното кино Манаки и Офицерскиот дом.
Како панелист и презентер во рамките на Форумот учествуваше м-р Мими Ѓоргоска Илиевска, советник за библиотечни, аудиовизуелни и фонотечни добра при Управата за заштита на културното наследство, која ги елаборираше надлежностите на Управата во однос на заштитата на аудиовизуелното наследство, потоа клучната улога на Управата за унапредување и развој на креативните индустрии, како и предизвиците и искуствата од КОВИД 19 пандемијата.
Јавното финансирање и приватните инвестиции се неопходни за спас на културните и креативните индустрии, co продолжување на поддршката преку грантови и со изнаоѓање нови начини на финансирање и правни рамки за зајакнување на креативната економија, тоа се дел од заклучоците на дводневниот Меѓународен форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО на тема, „Креативните индустрии – мост на иднината меѓу културата и креативната економија/КОВИД 19 предизвици и искуства“. што се одржа во Битола.
Форумот на едно место и во услови на пандемија успеа да собере повеќе од 30 домашни и странски учесници со поддршка од УНЕСКО преку Министерството за култура на Република С. Македонија во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020-2021 година.