Музеј на вода

ОТВОРЕН Е МУЗЕЈОТ НА ВОДА ВО ЗАЛИВОТ НА  КОСКИТЕ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО, ЛОКАЛИТЕТ ПЛОЧА МИЌОВ ГРАД, ГРАДИШТЕ, ПЕШТАНИ

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски на 8-ми декември во локалитетот „Градиште“, с. Пештани на југоисточниот брег од Охридското Езеро свечено го отвори Музејот на вода, прв објект од ваков вид во нашето пошироко опкружување.

Музејот на вода претставува реконструкција на живеалиште од железното и бронзеното време, туристичка атракција како за нас во Македонија така и за посетителите од соседните семји.

На јужното крајбрежје од полуостровот “Градиште“ во Заливот на Коските, се издига праисториска наколна (палафитна) населба која според истражувањата се простирала на површина од околу 8500 метри квадратни.

Направена е реконструкција на дел од наколната населба, идентична врз остатоците од подводниот археолошки локалитет Плоча Миќов Град, со хронолошка припадност од крајот на бронзеното и почетокот на железното време, меѓу 1200 и 700 година пр.н.е.

Според зборовите на директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, Проектот ќе продолжи и натаму да се доразвива, па со втората фаза во наредните две години ќе бидат изградени уште 16 куќарки.

Музејот на вода претставува место каде што гостите ќе можат да патуваат наназад низ времето, од словенството преку римското време, сe до праисторијата, во крајот на бронзеното и почетокот на железното време.

Понатаму Директорот на Управата за заштита на културното наследство истакна дека се обезбедени драгоцени археолошки и научни податоци, значајни за почетоците на функционирањето на етногенезите, за почетоците на формирањето и препознавањето на племињата во етничка смисла. Во периодот од кога датира наколната населба, живееле Бригите, најстарото племе познато на Балканот, а најприсутни биле на територијата од денешна Македонија. Токму во тој период, меѓу 1200 и 700 година пр.н.е тие заминале во Мала Азија каде што и ја формирале државата Фригија, што е мошне важно за нас бидејќи ние сме на одреден начин етнички поврзани со нив.

Паралелно со проектот Музеј на вода, во непосредна близина на истиот рид над Заливот на Коските, е извршена реконструкција на римското воено утврдување (каструм) на локалитеттот „Градиште“. Ѕидовите на утврдувањето се реконструирани, а внатрешниот дел е уреден.

Каструмот со уредена камена патека е поврзан со наколната населба, така што туристите и гостите ќе имаат несекојдневна можност да патуваат низ историјата која се одвивала на оваа локација.

На истата локација ќе биде изградена и нуркачка база, со две простории наменети за сместување на опрема за нуркање и за развивање на подводната археологија и подводниот туризам.

Bookmark the permalink.

Comments are closed