Од 20 до 21 септември во Прилеп, во организација на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп со поддршка од Општина Прилеп, се одржа дводневен меѓународен научен собир насловен „Биогеографска целина Маркови Кули: природни содржини и културни вредности“.
Меѓународниот научен собир го отвори градоначалникот на Прилеп г. Илија Јованоски, кој го нагласи значењето за општината од впишувањето на Маркови Кули на тентативната листа на УНЕСКО, како и напорите и активностите кои ги презема општината во соработка со ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп во насока на финализирање на постапката за донесување на планот за управување со заштитеното подрачје како основен документ за идните зафати на овој простор, но и околу подготовката за изработка на досие за номинација на биогеографската целина ,,Маркови Кули“ на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова – Митевска, во своето обраќање на овој собир истакна: „Природното и културно наследство често подлежат на различни услови на уништување и бараат сериозен пристап во управувањето и заштитата. Врз основа на многуте значајни документи од Европската Унија од 2017, Обединетите нации 2015 и Советот на Европа 2014, се согледува можноста за унапредување на синергијата и поврзувањето на природното и културно наследство. Освен нивното зачувување, со поврзувањето на културното и природното наследство се овозможува развој на културниот туризам, економски бенефит за локалната заедница и јакнење на врските помеѓу иституциите и плановите за развој на локално ниво“.
,,Со вакво природно и културно наследство Република Македонија треба што поитно да инсистира на поврзување и воспоставување синергија помеѓу значајниот комплекс на Маркови кули, како природно наследство и вредните остатоци на човековата цивилизација, како културно наследство од особено значење. Управата за заштита на културното наследство оваа година ќе ги направи сите напори да помогне Марковите Кули да влезат на постојаната листа на УНЕСКО како една целина, бидејќи сметаме дека овој локалитет заслужува да се најде на листата на светското културно наследство“- нагласи д-р Петрова-Митевска.
На дводневниот научен собир учествуваа претставници од ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп; Институт за историја на уметноста и археологија, Институт за историја, Филозофски факултет, УКИМ; НУ Музеј на Македонија / Центар за истражување на предисторијата; Истражувачки центар за културно наследство при МАНУ; НУ Национален конзерваторскицентар-Скопје, La Trobe University, Melbourne, Australia, Универзитет Метрополитан, Министерство за животна средина и просторно планирање, Управа за животна средина, Сектор природа;независни истражувачи.
Карпестиот масив или геоморфолошкиот локалитет ,,Маркови кули“, со своите извонредно значајни форми на релјефи и скулптури, се наоѓа на тентативната листа на УНЕСКО од 2005 година. Конфигурацијата на теренот придонела оваа област да биде населена уште од праисторијата. Постојат евидентирани остатоци од енеолитот и бронзеното време, како и можна населба од железно време на ридот Чардак и некропола на локалитетот Заград. Остатоци од класичниот, хеленистичкиот и римскиот период има на јужната страна на Маркови Кули, а поголема населба егзистирала на локалитетот Заград. Во доцната антика и средниот век просторот на Маркови Кули бил во трајна функција. Голем број светилишта од античкиот период се наоѓале на овој простор. Во карпестите структури на Маркови Кули се наоѓа манастирот Св.Архангел Михаил со живопис од XII век, црквата Св.Никола во Варош, како и манастирот Трескавец со црквата Успение на Пресвета Богородица од XIV век .