УНЕСКО мисија за проценка на состојбите во системот за заштита на нематеријалното културно наследство, во посета на Република Македонија

На ден 05.09.2018 година во Управата за заштита на културното наследство се одржа работен состанок со мешовит тим на експерти ангажирани од УНЕСКО кои работат на проценка на состојбите и потребите на системот за зачувување на нематеријалното културно наследство во Република Македонија.

Посетата на Мисијата, која е во надлежност на УНЕСКО-Регионалното Биро за наука и култура од Венеција, има за цел воспоставување на цврста основа за подобрување на процесите на зачувување на овој вид наследство на национално ниво, а во согласност со Конвенцијата на УНЕСКО за заштита на нематеријалното културно наследство (Париз 2003).

На состанокот беше разговарано за бројноста на заштитените нематеријални добра на национално и меѓународно ниво; потребата од воспоставување на механизми на контрола по впишувањето; како и за начините на документирање на нематеријалните добра во Националниот Регистар како во аналогна така и во дигитална форма. Исто така беше истакната важноста од ставање во функција на Советот за нематеријално културно наследство, како и мрежата на овластени субјекти, при што беше нагласена потребата од нивно проширување со претставници од струков невладин сектор и поединци со потесно профилирано знаење за одредени видови нематеријално културно наследство, со што системот за заштита на нематеријалното културно наследство во Република Македонија би бил комплетиран во градењето на професионалните капацитети.

Од добиените сознанија од средбата во Управата, како и сознанијата од останатите средби со релевантни институции но и теренска посета на различни нивоа на чинители активни во спроведувањето на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство предвидено е Мисијата да направи проценка на постојните политики и регулираноста на дејноста на заштита на нематеријалното културно наследство во правната легислатива на Република Македонија, од што треба да произлезат Извештај и предлог Акциски план за спроведување на препораките од истражувањето, вклучувајќи и предлози за градење на капацитети кои би можеле да бидат опфатени во рамки на програмите на УНЕСКО и механизмите за меѓународна помош за заштита на нематеријалното културно наследство.

На состанокот во Управата присуствуваа д-р Николај Вуков (Република Бугарија) и д-р Велика Стојкова Серафимовска (Република Македонија) како независни сертифицирани експерти за оваа област, делегирани во Мисијата од страна на УНЕСКО, потоа м-р Зоран Павлов раководител на Сектор за меѓународна соработка, документација и дигитализација на културното наследство; м-р Ивона Опетческа Татарчевска виш соработник за фолклорни добра и овластен раководител на Одделението за нематеријално културно наследство и Бурим Амети помлад соработник за информатички технологии и овластен раководител на Одделението за регистрација на културното наследство и ИТ од Управата за заштита на културното наследство.

Bookmark the permalink.

Comments are closed