г-дин Јакуп Харманда – заменик генерален директор на Дирекцијата за културни добра и музеи од Република Турција во посета на Управата за заштита на културното наследство

Заменик генералниот директор на Дирекцијата за културни добра и музеи при Министерството за култура и туризам на Република Турција, г-дин Јакуп Харманда со своите соработници, преставници на Турскиот културен центар Јунус Емре во Скопје како и Главниот проектант на Проектот за конзервација и реставрација на Куршумли ан, г-ѓа Есин Кулели престојуваа во работна посета на Управата за заштита на културното наследство. На средбата со директорката на Управата д-р Елеонора Петрова Митевска и нејзините соработници присуствуваа и директорот на Музејот на Македонија г-дин Гордан Николов и директорот на Археолошкиот музеј г-дин Горан Санев. Тема на средбата беше финализирање на активностите околу реализација на Проектот за конзервација и реставрација на Куршумли ан и негова адаптација за турски културен центар, усогласување на одредени ставови околу постапките неопходни за отпочнување со реализација на проектот како и неопходните мерки кои треба да се преземат пред отпочнување на активностите а кои се во директна корелација со надлежностите на институциите во чија надлежност е Куршумли ан.

Беше констатирано дека со ревидирањето на првичната идеја за адаптација на Куршумли ан се прифатени сите забелешки кои македонската страна ги упати до проектантот со цел зачувување на интегритетот на споменикот и истакнување на значењето кое ова културно добро од 16 век го има за Република Македонија. Исто така беше изразена спремноста од двете страни за продолжување на успешната соработка со цел реализацијата на овој значаен проект да биде спроведена согласно важечките национални и меѓународните стандарди пропишани за најзначајното културно наследство.

Се очекува по заокружувањето на неопходните административни постапки во наредниот период да се отпочне и со реализација на конзерватортко-реставраторските активности на Куршумли ан.

Bookmark the permalink.

Comments are closed