Средновековниот културен центар во Мариово
Археолошкиот локалитетот Градок се наоѓа во атарот на селото Манастир-Мариово, кај вливот на Лисичка во Црна Река. Стратешката поставеност на тврдината на високиот рид над устието на двете реки овозможила одлични услови за развојот на оваа населба уште во антиката, која подоцна во средновековието, односно во периодот од 9. до 14. век прераснала во манастирски коплекс со две цркви. Едната црква трикорабна базилика изградена од камен и варов малтер, се вбројува меѓу најрано изградените цркви и потекнува од 5. век. Покрај црквите и тврдината, бројни други остатоци на теренот сведочат за величественоста на овој македонски културен комплекс.
Од информациите добиени при претходните истражувања професорот д-р Иван Микулчиќ забележал дека куќите на оваа населба биле распоредени со правилно формирани улици, а северниот дел од тврдината бил одделен со посебен ѕид кој што ја формирал акрополата и каде што биле изградени двете цркви. Според зачуваноста до денес тие се единствени во Македонија. Во поголемата црква има ѕидани колонади со арки и голем триделен прозорец во апсидата. Според професорот при развојот на оваа населба особено значење имала експлоатацијата на железната руда во околината. Во еден период од своето постоење оваа населба прераснала во централно место за пошироката област, односно средиште на Мариово.
Остатоци од трикорабната ранохристијанска базилика
Внатрешноста на трикорабната ранохристијанска базилика
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов во рамките на своите редовни активности на ден 06.11.2020 година го посети археолошкиот локалитет Градок во Мариово. Костов со стручен тим од Управата имаше работна средба со директорот на Институтот за Старословенска култура – Прилеп д-р Бранислав Ристески како и со дел од неговиот професионален тим, при што беа презентирани најновите сознанија од последните археолошки истражувања.
Внатрешноста на помалата црква
Според д-р Бранислав Ристески наслебата била формирана во раната антика, поточно 1.век пред Христос, со што периодот на нејзиното создавање се враќа неколку века назад во историјата. Второто битно откритие е поврзаноста на средновековниот манастирски комплекс со манастирот Свети Никола од селото Манастир, оддалечен само неколку километри воздушна линија од локалитетот Градок. Во интактните културни слоеви откриени се фрагменти од луксузна средновековна глазирана керамика која потекнува од средновековните солунски керамичарски работилници и е потврда за културното ниво на оваа населба во средниот век.
Исто така беше претставено дека со ова истражување во план е и изработка на тродиманзионално моделирање на некогашниот изглед на средновековната населба, како и топографско снимање на утврдувањето кое што на одредени места е зачувано во висина од неколку метри.