На 12.03.2018г. во НУУБ ,,Св.Климент Охридски“ во Битола и на 14.03.2018г. во ЈУОДГ ,,Мајски цвет“ во Скопје, се одржаа креативни работилници ,,Мартинките во Република Македонија – Традицијата во рацете на најмладите“, во организација на Управата за заштита на културното наследство, а во рамките на Европската година на културното наследство 2018.
На 12.03.2018г., м-р Ивона Опетческа Татарчевска од Одделението за нематеријално културно наследство од Управата за заштита на културното наследство во соработка со ракотворката на мартинки г-ѓа Јануша Лазиќ, одржаа креативна работилница во НУУБ ,,Св. Климент Охридски“ во Битола, на која 30 првачиња од ОУ „Даме Груев“ – Битола, се запознаа и учеа за техниката на изработка на Мартинки, со цел пренесување на нашата традиција во рацете на најмладите и нејзино продолжување на идните генерации.
Работилница од ист вид, беше одржана два дена потоа на 14.03.2018г. (датумот на празникот „Летник“ кога, според Јулијанскиот календар, се започнува со изработка и носење на Мартинки во македонската традиција) и во детската градинка ,,Мајски цвет“ во Скопје, на која учествуваа 70 дечиња на возраст од 5-7 години.
На овие интерактивни работилници децата се запознаа со културната практика- Мартинки, обичаите и верувањата при изготвувањето и поклонувањето на истите, нивната трансформација во современото општество и употребата во креативните индустрии. Помеѓу целите на овој настан е и популаризација на Мартинките кај децата од најрана возраст, преку директно запознавање со нашите нематеријални културни добра и изработка на истите.
Црвено-белите амајлии изработени од усукани конци, во Македонија познати како Мартинки, се наше национално нематеријално културно наследство, а од декември 2017г., како ,,Културни практики поврзани со 1 март – Мартинки“ впишани се и на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на човештвото на УНЕСКО како дел од заедничка номинација на четири земји (Романија, Молдавија, Македонија и Бугарија), со што стануваат дел од светското нематеријално културно наследство и одговорност на целото човештво за негување на оваа исклучителна традиција.
Овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“ и е прв од серијата настани кои се со едукативен карактер за подигнување на свеста на граѓаните од сите возрасти за вредноста и значењето на нашето материјално и нематеријално културно наследство.