Отворена е постојаната музејска поставка „Струмица и Струмичко низ историјата“ во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица

 

На Меѓународниот ден на музеите 18 мај, во Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј во Струмица беше отворена постојаната музејска поставка „Струмица и Струмичко низ историјата“.

Постојаната поставка на Завод и Музеј – Струмица е поделена на археолошки, етнолошки, историски и оддел на историја на уметност, каде во 42 витрини се изложени над 1000 исклучително значајни артефакти кои се дел од богатото културно-историско наследство на градот и регионот собирано во минатите 60-тина години. Истовремено поставката  преку мултимедијалниот пристап  ја раскажува приказната за градот Струмица и Струмичко низ историјата.

Во присуство на многубројните гости и посетители поставката ја отвори министерот за култура, м-р Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека  поставката ја раскажува приказната за сите историски периоди на овој крај, и додаде дека заштитата на културното наследство е врвен приоритет на Министерството за култура.

Свое обраќање имаше и директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова- Митевска, која истакна дека за секој вработен во музеолошката дејност нема поголема радост од настанот кога се отвора постојана музејска поставка. Таа посочи дека ова е  настан без преседан, кој ќе го запомнат сите вработени поради фактот што целокупната енергија, целокупното знаење, целокупните можности да се презентира нешто значајно пред пошироката  јавност  се нуди токму преку оваа поставка.

На овој настан се обрати и директорката на Завод и Музеј Струмица, Василка Георгиева, која подвлече дека со оваа поставка на увид на јавноста се ставени ексклузивни предмети од локалитетите, објектите и настаните со кои располага оваа установа.



Bookmark the permalink.

Comments are closed