Одбележување на стогодишнината од пробивот на Македонскиот фронт во Првата светска војна во рамките на Европската година на културното наследство 2018

Меморијата и сеќавањата сè понагласено се препознаваат и валоризираат како културно наследство во Европа, засновано на нивните историски, цивилизациски и општествени вредности. Во тој контекст, Управата за заштита на културното наследство одлучи во рамките на одбележувањето на Европската година на културното наследство 2018, да го одбележи сеќавањето на Првата светска војна и пробивот на Македонскиот фронт како исклучително значаен настан од нашата, но и Европската историја и меморија.

Во таа насока, на 30 мај 2018 год., директорката на Управата за заштита на културното наследство д-р Елеонора Петрова-Митевска, присуствуваше на свеченото отворање на Спомен – Музејот на Француските воени гробишта во Скопје посветен на стогодишнината од пробивот на Македонскиот фронт. На свеченото отворање на Спомен – Музејот на Француските воени гробишта во Скопје пред присутните се обратија Н.Е. г. Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија и г. Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.

Следниот ден, на 31 мај 2018 год., Амбасадата на Република Франција  и Францускиот институт, ја одбележаа стогодишнината од пробивот на Македонскиот фронт во Првата светска војни со свечено отворање на Меморијален комплекс и Музеј на Француските воени гробишта во Битола во кој се изложени бројни документи, фотографиии и мапи од Македонскиот фронт.

Церемонијата започна пред костурницата во Битола каде гостите ги поздрави Н.Е., г. Кристијан Тимоние, амбасадор на Република Франција во Република Македонија, а со пригодни говори се обратија и г-ѓа Радмила Шеќеринска,  министер за одбрана во Владата на Република Македонија, г-ѓа Женевиев Дариесек, државен секретар на вооружените сили на Република Франција и г-ѓа Наташа Петровска, градоначалник на Битола. По завршување на церемонијата на свеченото отворање на Меморијалот во Битола, одбележувањето на стогодишнината од завршувањето на Првата светска војна продолжи со научна конференција на тема: Заштита на неборците од Македонскиот фронт од Првата светска војна до денес на која учествуваат истакнати научници и истражувачи од Република Франција и од Република Македонија.

Заедничкото одбележување на овој значаен светски јубилеј од страна на Амбасадата на Република Франција во партнерство со Управата за заштита на културното наследство, а во рамките на Европската година на културното наследство 2018, придонесува и кон зајакнувањето на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Република Франција. Воедно, тој го  валоризира и  интегрира и македонското (мемориско) културно наследство во европскиот културен контекст.

Bookmark the permalink.

Comments are closed