Кокино, претставува локалитет каде со археолошките истражувања е потврдено постоење на организиран живот кој се протегал во временска рамка од 20 век пред н.е. до 6 век пред н.е. Архео-астрономските методи пак, дефинираа поставување на разни маркери преку добро осмислена организација на просторот, што им овозможувало на старите жители да обликуваат елементи на мегалитска опсерваторија од каде прецизно го набљудувале движењето на Сонцето и Месечината. Токму оваа опсерваторија од страна на Американската вселенска агенција НАСА беше рангирана на четвртото место на листата на стари опсерватории во светот. Токму овие елементи на многу конкретен начин го дефинираа Кокино како културен предел. Овие специфики се главен двигател НУ Музеј-Куманово да пристапи кон изготвување на План за управување со културниот предел Кокино, прв од ваков вид во Македонија.
Планот за управување кој е изработен според стандардите на УНЕСКО беше промовиран од м-р Зоран Павлов, претседател на Македонскиот национален комитет на ИКОМОС и археологот Јовица Станковски, директор на Народниот музеј во Куманово.
Во своето излагање Јовица Станковски назначи: „Добрата зачуваност на локалитетот до денешни дни не обврзува на голема одговорност во неговата заштита, во интерес на генерациите што доаѓаат. Менаџмент планот е еден од најзначајните чекори во правец на проекција на иднината на ова заштитено подрачје, од големо културно и историско значење. Тој нуди јасна визија за управување и негова комплексна заштита, а Музејот Куманово е прва институција во Македонија која подготвила и донела ваков стратешки документ. Тој покажува дека сите чинители (музејот, Општина Старо Нагоричане, државата) се свесни за значењето на локалитетот, дека имаат визија како да го сочуваат, да го заштитат и промовираат и да ја запознаат пошироката јавност со неговото значење“.
Јовица Станковски исто така укажа дека Кокино, иако не е целосно научно идентификуван и валоризиран локалитет, досега понудил можност за научен археолошки и астрономски поглед на „потемните“ делови на праисторијата, за менување на стереотипите за културно заостанување на нашата бронзенодопска култура во однос на истовремените, големи цивилизациски жаришта околу Медитеранот и Блискиот Исток.
Целта на претставениот План е да го заштити првиот културен предел во земјава, да ги заштити неговите вредности и да ги изнајде начините како економскиот и културниот придонес од заштитеното добро да се искористи како предност за развој и јакнење на одржливиот општествен и економски развој и интерес на локалната заедница.
М-р Зоран Павлов, информирајќи ги присутните дека ОН ја прогласија идната година за меѓународна година на астрономијата во врска со менаџмент планот посочи: “Неговата изработка е само чекор напред во придвижувањето на Кокино кон барањата на УНЕСКО за номинирање на локалитети за поврзани со астрономијата или древни опсерватории за листата на светско наследство како нова посебна категорија на светското културно наследство“.
Промоцијата на Планот за управување, со едно добро осмислено сценарио во кое, пред изложените слики на Сергеј Андреевски, се испреплетуваа поезија за сонцето од македонски поети која ја рецитираа поетесите Билјана Станковска и Светлана Христова Јоциќ, музика на кавал и тамбура во изведба на Бајса Арифовска и
избор од странската поезија за која се погрижи актерот Марин Бабиќ, се одржа во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје.
На промоцијата беше соопштена и идејата за основање на Фондација за Кокино, а беше најавен и филм за Кокино, во режија на Иван Митевски – Копола, сценарио на Русомир Богдановски, а во продукција на Музејот од Куманово, чија прва клапа беше снимена токму на промоцијата на Планот за управување.