На ден 27.09.2019 година во манастирот „Св. Богородица Милостива (Елеуса)“ во струмичкото село Вељуса, амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнз, и министерот за култура, Хусни Исмаили го потпишаа Договорот за користење на грантот од амбасадорскиот фонд на САД, наменет за реализација на проектот Конзервација и ревитализација на манастирот „Св. Богородица Милостива (Елеуса)“ во с. Вељуса кој предвидува реставрација на црквата посветена на Пресвета Богородица Елеуса и конзервација на мозаиците и фрескоживописот. Грантот за реставрација и зачувување на црквата и нејзините фрески е дел од постојаната програма на Стејт Департментот на САД, познат под името Амбасадорски фонд за културна заштита.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Кејт Мари Брнсз во своето ораќање го изрази нејзиното големо задоволство од започнувањето на овој важен проект, при што истакна дека „Овој проект е само еден пример за нашата посветеност да помогнеме да се зачува и заштити живописното културно наследство на Северна Македонија. Тоа исто така е и дополнителна демонстрација на длабокото партнерство помеѓу Амбасадата на САД во Скопје и Министерството за култура, како и музеите и општините во целата земја.”
„Министерството за култура во повеќе наврати во изминативе години финансиски интервенираше за заштита на овој значаен белег на културното наследство на Северна Македонија, но со потпишувањето на грантот од Амбасадорскиот фонд на Соединетите Американски Држави ќе се придонесе за ревитализација и за подолгорочна санација и заштита на вредниот објект, како и на живописот кој има единствени иконографски решенија кои биле инспирација за натамошниот развој на византиското монументално сликарство“, истакна министерот Исмаили.
Викарниот епископ Стобиски господин Јаков ја истакна големата благодарност до амбасадата на САД за чувството за грижа, не само за културното наследство тука, туку и насекаде низ светот, при што додаде дека црквата „Света Богородица Елеуса“ е своевидно архитектонско чудо во светски рамки и сведочи за архитектурата и уметноста која се негувала во 11 век и е единствена од тој тип во нашата држава.
НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Струмица, кој беше домаќин на потшишување на договорот за користење на грантот од 100.000 долари, во следните две години ќе работи на реставрација и конзервација на манастирот „Св.Богородица Елеуса“ во с.Вељуса со што целосно ќе се конзервира и реставрира фасадата и кровот на манастирот, фрескоживописот и мозаикот.