Одржани прес конференција и предавање во пресрет на казахстанската изложба ,,Велика степа: Историја и култура“

На 10 јули 2019 година, во Археолошкиот музеј во Скопје, се одржа прес конференција по повод отворањето на гостувачката изложба од Националниот музеј на Казахстан ,,Велика степа: Историја и култура“, која е во рамките на проектот ,,Процесија на златниот човек низ музеите ширум светот“.

На прес конференцијата директорот на Археолошкиот музеј, г.Горан Санев, искажа големо задоволство што токму тие се први на Балканот што еден месец ќе бидат домаќини на оваа ексклузивна изложба, која досега била поставена во осум градови (Сеул, Гдањск, Казан, Ташкент, Сиан, Баку, Москва и Минск). Понатаму, истакна дека изложбата раскажува приказна која започнува во четвртиот и третиот милениум пред нашата ера, со првите докази за доместификација на коњот и неговата последователна улога во животот на номадските народи на степите, а продолжува преку наследството на античкиот народ Сака, за да заврши со бисерите на материјалната култура и народната традиција на денешен Казахстан.

Директорот на Националниот музеј на Казахстан, г. Нуразхан Алмаз Шајкенович, истакна дека во рамките на изложбата ќе биде претставено и најзначајното археолошко отркитие и симбол на Казахстан – Златниот човек на Сака од 5 век п.н.е., нарекуван уште и казахстанскиот Тутанкамон, еден од осумте пронајдени златни војници кои ги чуваат во нивниот музеј.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство, д-р Елеонора Петрова – Митевска, посочи дека благодарение на оваа изложба културите на двете земји имаат можност подобро да се запознаат и зближат, имајќи предвид дека многу одамна териториите кои се денеска во границите на Казахстан ги поминал Александар Велики на патот до Индија.

По завршувањето на прес конференцијата се одржаа серија предавања од археологот, г. Смагулов Тимур Нурланович, на тема ,,Златниот човек: Културно наследство на Античките номади од Централна Азија“, додека свој вовед во предавањата имаше директорката на Управата, д-р Петрова-Митевска.

Изложбата ,,Велика степа: Историја и култура“ ќе биде отворена на 11 јули 2019 година во Археолошкиот музеј во Скопје, во 19:00 часот.

Bookmark the permalink.

Comments are closed