На 21 февруари 2018 година со почеток во 12:00 часот во Кинотеката на Македонија, Управата за заштита на културното наследство во соработка со Кинотеката на Македонија, матична институција за заштита на аудиовизуелното културно наследство, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, ќе го престави и промовира дигитално реставрираното творештво на Бранко Гапо, културно наследство заштитено ex lege. Овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.
Ова е прв, од серијата настани и активности за едукација, заштита и популаризација на нашето материјално и нематеријално културно наследство коишто се дел оваа програма. Целта на овој настан е да се промовираат процесите на дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство на Република Македонија, како и да се претстави улогата на Управата за заштита на културното наследство во заштитата на аудиовизуелното наследство.
Во рамките на долгогодишниот проект на Кинотеката на Македонија „Дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство“, почнувајќи од 2011 година до денес, дигитално се реставрирани и дигитализирани: филмскиот опус на браќата Манаки и документарниот филм „Македонија во слики, 1923“ на Арсениј Јовков кои што согласно Законот за заштита на културното наследство се прогласени за културно наследство од исклучително значење. Дигитализирани се и опусите на режисерите Столе Попов, Љубиша Георгиевски и Милчо Манчевски, како и филмовите „Татко“ („Колнати сме, Ирина“) на Коле Ангеловски, „Хај-фај“ на Владимир Блажевски и „Жед“ на Димитрие Османли, односно вкупно 15 играни филмови, четири документарни и два краткометражни играни филма.
Проектот за дигитализација на режисерскиот опус на доајенот на македонската кинематографија Бранко Гапо ги опфаќа играните филмови „Денови на искушение“, „Време без војна“, „Истрел“, „Најдолгиот пат“, „Време, води“ и „Македонска сага“.