На 30 ноември 2018 година, во ЕУ Инфо центарот во Скопје, се одржа промоција на проектот ,,Дигитални средини за дигитални културни вредности (DIENDICURE) – просторна ГИС базирана платформа за напредно ниво на менаџирање и анализа на податоците од централниот регистар на културното наследство“, организирана од страна на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп, а во соработка со Управата за заштита на културното наследство.
Проектот е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, а се реализира во рамките на Програмата за одбележување на Европската година на културното наследство 2018 и Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес во културата, а е имплементиран од страна на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.
На промотивниот настан најпрво се обрати раководителот на проектот, Христијан Талевски од ЈНУ Институт за старословенска културна – Прилеп, кој подоцна детално и го презентираше проектот во чиј фокус се 5 археолошки локалитети од Република Македонија, но дека визијата е овој проект да биде иницијален чекор во остварувањето на лична и на заедничка визија за комплетна дигитализација на културното наследство и дигитализација на комплетниот третман на културното наследство на територијата на Република Македонија.
На настанот како претставник на Управата за заштита на културното наследство се обрати м-р Кристина Бицева, која говореше за значењето на Европската година на културното наследство чии клучни теми се: вклученост, одржливост, зачувување и иновација. И токму поврзано со иновацијата е и проектот кој го спроведува Институтот за стрословенска култура од Прилеп под водство на м-р Христијан Талевски. Додаде дека станува збор за комплексна и содржински богата база на податоци за неколку археолошки локалитети во Република Македонија, избрани како пилот-локации.
Управата за заштита на културното наследство, го води Националниот регистар за културното наследство и други заштитни евиденции, а во „дигиталниот свет“, го води Националниот информативен систем за културното наследство (НИСКН)– централизирана национална база на податоци за културното наследство која е достапна и на интернет. За дигитализацијата пак на културното наследство е задолжено Одделението за дигитализација на културното наследство.