Овој софтвер е веб базиран, односно до софтверот се пристапува преку секој интернет пребарувач (Google Chrome, Mozilla Firefox, Opera Web Browser и слично) што значи дека нема потреба од претходна инсталација и податоците може да се внесуваат или пребаруваат од секој комјутер или паметен телефон со пристап до интернет. За разлика од постоечките софвтерски решенија за водење на евиденциите кои ги користат надлежните институции за заштита на културното наследство со ова софтверско решение преку унифицирана централна база се овозможува унифицирање на начинот на кој се водат евиденциите, како и вмрежување на сите институции во единствен систем за водење на заштитните евиденции.
Иако во него постојат повеќе различни модули за водење на движното, недвижното и нематеријалното културно наследство, софтверот е креиран така што е лесен за користење, односно лицата кои ќе ги внесуваат податоците ќе можат да го направат тоа со минимална обука. Преку ГИС порталот кој овозможува поврзување со други надворешни бази на податоци, преку WMS сервиси, овозможени преку Националната инфраструктура на просторните податоци, со сервиси од Агенцијата за катастар на недвижности како што се подлоги со катастарски парцели, катастарски општини, населени места и слично на корисниците им е овозможен лесен начин за внесување на границите на недвижните добра.
Врз основа на погоренаведеното ова софтверско решение нуди целосна дигитализација на процесот на водење на основната евиденција на недвижното, движното и нематеријалното културно наследство, водењето на влезните, инвентарните, излезните книги, водењето на теренските инвентари при археолошките истражувања, како и на Националниот регистар на културното наследство кои се изработени согласно постоечките законски и подзаконски акти.
Исто така со активирањето на ова софверсто решение кое ќе овозможи пристап на сите институции за заштита на културното наследство ќе се намалат трошоците предизвикани од користење на различни софтвери чие користење во моментов го имаа одредени институции, а на годишно ниво достигуваше и до 500.000 денари истакна Честоева.
За целосно внесување на сите податоци, во сите надлежни установи за заштита, ќе биде потребно повеќе време, со оглед на тоа што е потребно да се внесат и ажурираат податоци за над 8.000 регистрирани и евидентирани недвижни добра, од кои за дел имаме само основни податоци. Ќе биде потребно да се внесат податоци и за над 25.000 икони кои се наоѓаат во нашите цркви и манастари, но и над 500.000 археолошки, историски, етнолошки и уметнички предмети кои се наоѓаат во музеите во Република Македонија. Но, постепено и со посветена работа овој процес ќе доведе до целосна дигитализација на заштитните евиденции и Националниот регистар на културното наследство.
Првично пристапот до софтверот за водење на Заштитните евиденции и Националниот регистар на културното наследство ќе биде ограничен исклучиво на институциите надлежни за заштита на културното наследство, со оглед на тоа што е потребно да се внесат огромен број на податоци, а постепено податоците ќе бидат јавно достапни преку Националниот информативниот систем за културното наследство, кој за жал не е во функција од 2016/17 година, а во моментов се работи на негово повторно активирање.
Освен што ќе се исполнат законските обврски на институциите за водење на заштитните евиденции, ситемот ќе може да се користи и во едукативни и научни цели, со оглед на тоа што податоците за културното наследство ќе бидат лесно достапни до пошироката и научната јавност, секако со одредени ограничувања од безбедносен карактер. Исто така овој систем ќе биде во функиција и од голема корист и на други приватни фирми и државни институции чии дејности се поврзани со процесите од заштитата на културното наследство. Овој софтвер исто така ќе овозможи и поврзување и споделување на податоците со други институции, на пример секоја општина која има свој ГИС портал, преку WMS сервиси ќе ги добиваат податоците за заштитените недвижни добра на нивна територија. Исто така преку ГИС порталот на Националниот информативниот систем за културното наследство, недвижното културното наследство ќе биде мапирано и заедно со релевантните податоци и информации, на туристичките работници ќе им овозможи полесно да ги планираат и реализираат туристичките културни тури.
Овој проект ја потврдува посветеноста на Владата, Министерството за култура и туризам и Управата за заштита на културно наследство за модернизација и создавање ефикасен систем за управување со културните добра. Дигитализацијата на културното наследство е основа за заштита и промоција на нашата историја и идентитет.
Софтверот ќе биде достапен за сите релевантни институции и ќе обезбеди унифициран пристап до податоците за нашето културно наследство. Оваа иницијатива ќе овозможи поефикасно управување и подобра соработка помеѓу различните субјекти.
Заедно, поставуваме темел за ново поглавје во управувањето со културното наследство и продолжуваме да го чуваме нашето минато за идните генерации.