На 28 февруари 2018 година со почеток во 12:00 часот во Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје, Управата за заштита на културното наследство ќе промовира 15 нови изданија од едицијата ,,Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“.
На овој настан ќе бидат промовирани следните наслови на македонски јазик: Муниципиј Стобенсум; Тумба Маџари, археолошки локалитет и неолитско село; Баргала; Црквата Св.Богородица – Матејче; Црквата Св.Богородица Елеуса – Вељуса; Керамичките рељефни плочи од Виница; Маркови кули, Варош – Прилеп; Таор (Антички населба Tauresium); Манастирот Трескавец и Црквата Св.Ѓорѓи во Курбиново; а во превод на англиски: Municipium Stobensium; The History of Discovering the Site of Isar – Marvinci; The Medieval Fortress of Isar – Shtip; Kokino – a Holy Mountain and Observatory for 4000 Years и The Great Bath of the Late Roman Thermal Spa in the Village of Bansko.
Богатото културно и природно наследство на Република Македонија и значењето кое тоа го има за општеството, беше повод за отпочнување на повеќегодишниот проект на Управата за заштита на културното наследство, насловен како ,,Најзначајните вредности на културното и природно наследство на Република Македонија“, кој преку 130 монографски публикации ќе ги доближи најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства до домашната и меѓународна публика. Со овие нови 15 изданија, Управата за заштита на културното наследство заокружува бројка од досега објавени 45 наслови од оваа едиција, сè со цел, збогатување на библиографскиот фонд за културните и природните добра од нашата земја и нивно приближување до јавноста.
Овој настан е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност!“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.