Реставрација и ревитализација на манастирскиот комплекс Св. Богородица Перивлепта во Охрид
Проект финансиран од Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство на Амбасада на САД во Република Македонија
2009-2016 год.
Црквата Св. Богородица Перивлепта се наоѓа во стариот дел на Охрид и претставува дел од светското културно и природно наследство на oхридскиот регион на Листата на УНЕСКО. Таа е еден од најзначајните средновековни споменици во Република Македонија, но и референтен споменик на византиската уметност од почетокот на XIV век во светски рамки.
Изградена е во 1295 год. по налог на византискиот воен заповедник Прогон Згур, зет на императорот Андроник II Палеолог. Архитектонската концепција на централниот простор на оваа крстообразна црква со купола, нартекс и трем на запад, како и керамопластичната декорација на фасадите е сведоштво за посебниот однос на нејзините ктитори и градители кои настојувале да ја негуваат традицијата на градењето репрезентативни византиски храмови.
Фреско-сликарството во наосот и нартексот е првото документирано дело на солунските сликари Михаил и Евтихиј, кои подоцна стануваат дворски сликари на кралот Милутин. Нивното сликарство се вбројува меѓу најзначајните достигнувања на т.н. ренесанса на Палеолозите, комбинирајќи елементи од графичкиот стил на Комненската (XI век) и посткомненската уметност (XII век – втора половина на XIII век) со новиот монументален стил на Палеолозите (по 1261 год.).
Во 1364/65 год. учениците на познатиот охридски зограф од првата половина на XIV век, Јован Теоријан ги сликаат страничните параклиси и отворениот трем, следејќи ги најдобрите искуства на Охридската сликарска школа од XIV век.
По претворањето на катедралната црква Св. Софија во џамија (XV век), црквата Св. Богородица Перивлепта станува седиште на Охридската архиепископија и место каде што се чувале моштите на охридскиот светител Климент.
Главната цел овој проект финансиран со средства од грантот на Амбасадорскиот фонд за заштита на културното наследство на американскиот Стејт департмент, администриран преку Амбасадата на САД во Република Македонија, се конзерваторско-реставраторските интервенции на овој споменик од светско значење, имајќи ја предвид, за жал, исклучително лошата состојба на фреско-живописот.
Од претходно направените истражувања беше констатирано дека главните причини за оштетувањата на фреските се несоодветната интервенција на покривот, оштетувањата на фасадните фуги и отсуството на дренажен систем.
Предвидените интервенции врз градбата на црквата вклучуваат санација на покривната конструкција со компатибилен хидроизолационен систем, консолидација на фугите од варов малтер на фасадите и отстранување на цементните фуги од претходните интервенции. Исто така, ќе се пријде кон изнаоѓање решение за прозорските отвори низ кои продира атмосферска вода и ќе се утврдува можното постоење на подземни води и потребата од поставување дренажен систем.
На конзервацијата на фреско-живописот ќе му се пријде со особено внимание. Ќе бидат направени истражувања за отстранување на напластените соли и шалитра, на оштетувањата на малтерот, размножувањето на микроорганизмите. Се работи за огромна фреско-живописана површина од 896 м².
Во ентериерот на црквата ќе се изврши и конзервација на резбаниот трон на архиепископот Григориј, „балдахинот“ и внатрешните врати на наосот и нартексот.
Грантот обезбедува и средства за конзервација на северниот конак во манастирскиот комплекс. Тое е катна дрвена конструкција изградена на крајот на XIX или почетокот на XX век. По конзервацијата на ентериерот и екстериерот на оваа градба нејзиното приземје ќе биде приспособено во комерцијален објект за продажба на сувенири, копии од фрески/икони, публикации, додека, пак, горниот кат ќе служи како депо и канцеларија за Дебарско-кичевската епархија. Исто така, ќе се консолидира и камбанаријата изградена во 1923 год., а по завршувањето на конзерваторско-реставраторските активности во целиот комплекс грантот ќе ги покрие и трошоците за негова илуминација.
Од аспект на заштитата на културното наследство во нашата земја, реставрацијата на црквата Св. Богородица Перивлепта ќе претставува огромна одговорност и предизвик. Токму исклучителната вредност на живописот и проблематиката на настанатите оштетувања беа предмет на повеќедецениски анализи и истражувања на реномирани стручни лица (архитекти, конзерватори, историчари на уметност). Поради недостигот на стручен кадар во нашата земја (конзерватори) за вака обемни и комплексни зафати, за реализацијата на овој проект се вклучени и реномирани странски експерти по препорака на УНЕСКО: Карло Џантомаси и Донатела Зари од Италија (конзерватори на фреско-живопис) и проф. д-р Алкивиадис Препис од Грција, конзерватор-архитект кои ќе ги применат најдобрите светски практики и техники.
Координатор на Проектот кој траеше седум години беше Управата за заштита на културното наследство, а активностите ги изведуваше надлежната институција Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид.