Објавено од: www.telegraf.mk
Целосно е завршен и ревидиран проектот за урбанистичко уредување на Скопската тврдина Кале и се очекува Управата за заштита на културното наследство во следниот период да започне со тендерската постапка. Предвидени се голем број елементи како уредување на летна отворена сцена, сувенирници, места за одмор и друг галериски простор
Процесот на археолошки истражувања на Скопската тврдина Кале е целосно завршен и притоа се откриени над 13.400 предмети од различни периоди, од кои 4.527 монети, изјави министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
– Сите предмети се конзервирани и веќе се поделени во три збирки кои ќе бидат изложени во трите музеи на Кале. Музејот на праисторијата и музејот на отоманскиот период кои се целосно завршени, и музејот на средновековниот период, кој е во фаза на изградба, рече Милевска.
Додаде дека сите кули се конзервирани и ставени во функција, целата тврдина е осветлена и останува само уште археолошки да се истражи просторот на некогашниот ресторан Кале. Целосно е завршен и ревидиран проектот за урбанистичко уредување на Скопската тврдина Кале и се очекува Управата за заштита на културното наследство во следниот период да започне со тендерската постапка. Предвидени се голем број елементи како уредување на летна отворена сцена, сувенирници, места за одмор и друг галериски простор, рече Канческа Милевска.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство Виктор Лилчиќ, рече дека проектот се наоѓа на прагот пред триумф.
– Имаме над 13 илјади археолошки експонати, кои се извадени и конзервирани и веќе подготвени да влезат во овие музеи. Ние повторно го подигнавме овој древен централен цивилизациски пункт што доминира на целата денешна градска површина на Скопје. Посебно сум горд што во рамки на истражувањата се откри бронзено добна населба и монети на македонските антички кралеви Александар Македонски и Антигон Гонат, рече Лилчиќ.
Раководителот на проектот професорот Драги Митревски, рече сега се прават десет години од почетокот на ископувањата, а постигнатите резултати обично не се постигнуваат ниту за неколку пати по десет години.
– Внатрешноста на Скопската тврдина Кале е комплетно истражена. Со уредувањето простОрот ќе се нарпави уште поатрактивен, кој и сега е атрактивен и секојдневно по најмалку седум автобуси со туристи влегуваат на овој простор, рече Митревски.
Ревитализацијата на Скопскатата тврдина Кале е проект на Владата, во рамки на кој од 2007 до 2012 година во континуитет се вршеа целосни системски археолошки истражувања на кои работел стручен тим од 300 луѓе од различни свери, како и студенти по археологија.