Спомен – куќата на Лазар Личеноски во Скопје е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење

Со Одлука бр. 44-5363/1 од 10.10.2017 година објавена во  („Службен весник на Република Македонија“ бр. 147/17) Владата на Република Македонија ја прогласи Спомен – куќата на Лазар Личеноски во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Спомен-куќата на Лазар Личеноски во Скопје, како архитектонска творба, е дело на инж. архитект Славко Брезоски. Таа била проектирана во 1960 година, во консултација со нарачателот – сликарот Лазар Личеноски, со концепција да ги задоволи семејните потреби за домување и за непречено творење на самиот ликовен уметник, а истовремено и како креативен спој на архитектонскиот и ликовниот израз на тие двајца автори. 

Објектот претставува градба изведена во традиционален стил, со употреба на традиционални материјали и со изворна функција на семеен станбен објект со сликарско ателје, креативно оплеменета со ликовни содржини, создадени од самиот уметник.

Уметничката вредност на објектот се состои и се препознава во креативната оплеменетост со ликовни содржини, првенствено со големите ѕидни мозаици – „Берачка на лотос“ (1960) и „Апотеоза на трудот“ (1962/63), поставени на резервираните места на самите фасади, како и со другите мозаици изведени во ентериерот на објектот и тие во дворот, заедно со другите уметнички дела трајно споени со објектот или што трајно му служат, а како такви претставуваат недвижност по намена, односно интегрален дел на самото недвижно добро. Таков статус, покрај наведените ѕидни мозаици, имаат и мозаиците: „Сликарска палета (1961); „Автопортрет“ (1963), „26 јули 1963“ (1963); 16 жардиниери: „Женски и машки портрет“, „Урбан мотив“, „Риби“, „Зајаци“, „Лебеди“, „Гулаби“, „Риби“, „Ластовички“, „Сонце“, „Ѕвезда“, „Месечина“, „Компас“, „Портрет“, „Птица“, „Цвеќе“ и „Птици“ (1962/63); 2 маси: „Пауни“ и „Шаховска табла со риби“ (1963/64); фризот „Риби“ (од 18 плочи, 1962) и „Алеја“ (изворно 24 плочи, а денес 16), како и 2 релјефа – „Капачки“ и „Трубач“ (од непознати автори) и скулптурата „Две фигури“ (од авторот Петар Хаџи Бошков).

Објектот има и историска вредност, првенствено како објект во кој живеел и работел сликарот Лазар Личеноски, еден од плејадата познати личности од националната историја, култура и уметност. Притоа, токму во предметниот објект, во еден сосем кус но историски значаен период, пред и по скопскиот земјотрес од 1963 година, Личеноски ги создал не само монументалниот ѕиден мозаик „Апотеоза на трудот“ и другите ликовни содржини поврзани со објектот туку уште и неколку значајни уметнички дела од друг вид, особено: таписеријата „Фазани“ (1962) и маслените слики „Оризово поле“ (1962), „Последни афиони“, односно „Афионско поле“ (1963) и „Зографско ателје во Галичник“ (1963), вклучувајќи ја и недовршената слика „Охридски рибар“ (1964) и одлиениот а недовршен мозаик „Фазани“ (1964). Меѓу последните дела од Личеноски се и тие со мотиви од скопскиот земјотрес, создадени во вонредни услови, додека објектот и сликарското ателје во него биле вон употреба поради оштетувањата од земјотресот.

Во предметниот објект постојат и два записа во мозаик, направени од Лазар Личеноски, што имаат неспорна документарна вредност. Едниот се наоѓа на подниот мозаик „Сликарска палета“ (1961), со иницијалите на авторот изведени со латинични букви, меѓу кои е годината на изградба на објектот – 1961, а на другиот – портативниот мозаик „26 јули 1963“, е означен датумот на скопскиот земјотрес.

 

 

Врз основа на член 41 став 2 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/04, 115/07, 18/11, 148/11, 23/13, 137/13, 164/13, 38/14, 44/14, 199/14, 104/15, 154/15, 192/15 и 39/16), Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10.10.2017 година донесе

 

ОДЛУКА

за прогласување на Спомен – куќата на Лазар Личеноски во Скопје за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење

Член 1

Спомен – куќата на Лазар Личеноски во Скопје, изградена во периодот од 1961 – 1963 година (во натамошниот текст: Спомен – куќата) се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Со прогласување на Спомен – куќата за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, се овозможува:

  • трајно зачувување на Спомен – куќата во изворна состојба;
  • создавање на поволни услови за опстанок на Спомен – куќата и задржување на интегритетот на сите податоци што таа ги носи со себе како сведоштво;
  • ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Спомен – куќата и за нејзината улога во културната идентификација заедно со збирките на движни културни добра во неа;
  • управување со доброто во организирана форма и негово чување, штитење, презентирање, популазирање и користење како трајна вредност во државна сопственост, каде ќе се чува и негува споменот за животот и делото на ликовниот уметник Лазар Личеноски;
  • оспособување на Спомен – куќата според нејзината намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и
  • спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање.

Спомен – куќата заради својата архитектонска, градежничка, историска, уметничка и документарна вредност, својствата како автентичност,  разновидност, интегралност, зачуваност, старост, социјално комуникативната функција и културното и историското, уметничкото, воспитно образовното и социјално комуникативното значење изразени преку нејзината градба, архитектонската концепција и функционалната просторна организација, стилските влијанија и декоративните елементи на фасадите како и зачуваната ликовна содржина во ентериерот (збирките), Спомен – куќата е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на општествено економските и културно историските прилики во Скопје и Република Македонија.

Член 2

Спомен – куќата  се наоѓа во подрачјето на општина Центар во Скопје, на КП 9549, КО Центар 1, на ул.„Лазар Личеновски“ бр.25, со координати: север 42° 00’ 00,60’’, исток 21° 25’ 52,36’’, на надморска височина од 252 м и зафаќа површина под зграда 170 м2,  ,,гиз” од 311 м², со корисна површина од 353 м² (подрум 90 м², приземје 128 м² и кат 135 м²).

Член 3

Составен дел на Спомен – куќата како заштитено добро се следните недвижни добра по намена:

  • Мозаиците од Лазар Личеноски – Берачка на лотос (300х190), Апотеоза на трудот (200х700), Сликарска палета (92х70), Автопортрет (120х80), 26-ти Јули 1963 (40х65); 16 жардиниери – Женски и машки портрет, Риби, Урбан мотив, Зајаци, Лебеди, Гулаби, Риби, Ластовички, Сонце, Ѕвезда, Месечина, Компас (сите 21х50) и Портрет (49х30), Птица (40х47), Цвеќе (22х72), Птици (40,5х67); 2 маси – Пауни (51х170) и Шаховска табла со риби (80х45,5); фриз – Риби (18 плочи 33х31) и патека – Алеја (16 од 24 плочи 33х41);
  • Скулптура од Петар Хаџи Бошков – Две фигури (190х95х60);
  • Релјефи од непознати автори – Копачки и Трубач (29х20).

Член 4

За заштитеното добро границите се дефинираат во границите на КП 9549, КО Центар 1, и се утврдува следниот опис на истите:

– Североисток – границата започнува од североисточниот агол на КП 9549 како почетна точка и се движи во правец на југоисток по целата должина на североисточната граница на таа парцела до нејзиниот југоисточен агол, како точка на сечење со југоисточната граница на доброто, граничејќи се на таа страна со КП 9547/1, КП 9547/2 и КП 9546;

– Југоисток – границата започнува од точката на сечење со североисточната граница на доброто и се движи во правец на југозапад по целата должина на југоисточната граница на парцелата до нејзиниот југозападен агол, како точка на сечење со југозападната граница на доброто, граничејќи се на таа страна со КП 13677/1 и КП 13677/3;

– Југозапад – границата започнува од точката на сечење со југоисточната граница на доброто и се движи во правец на северозапад по целата должина на југозападната граница на парцелата до нејзиниот северозападен агол, како точка на сечење со северозападната граница на доброто, граничејќи се на таа страна со кејот на реката Вардар (КП 13677/1);

– Северозапад – границата започнува од точката на сечење со југозападната граница на доброто и се движи во правец на североисток по целата должина на северозападната граница на парцелата до нејзиниот североисточен агол, односно до точката на сечење со североисточната граница, како завршна точка на описот на границите на доброто, граничејќи се на таа страна со КП 9550/1.

Член 5

За Спомен – куќата се утврдува една контактна зона со површина од 3.508 м², што ги зафаќа КП 9544/1, КП 9544/2, КП 9545, КП 9546, КП 9547/1, КП 9547/2, КП 9550/1, КП 9550/2, КП 13677/1 (дел), КП 13677/3, КП 13729/1 (дел) и КП 13729/2, со следниот опис на нејзините граници:

– Североисток – границата започнува од точката на сечење на североза­пад­ната граница на КП 9550/1 со оската на ул. „Лазар Личеноски“ (КП 13729/1), како почетна точка и се движи по оската на таа улица во правец на југоисток до точката на сечење со правецот на југоисточната граница на КП 9544/1, како пресечна точка со југоисточната граница на контактната зона;

–  Југоисток – границата започнува од пресечната точка со североисточ­ната граница на контактната зона и се движи во правец на југозапад, прво низ коловозот и тротоарот на ул. „Лазар Личеноски“ (КП 13729/1) а потоа по југоисточните граници на КП 9544/1 и КП 9544/2, продолжу­вајќи на запад по права линија според правецот на југоисточната граница на КП 9544/2 низ делот од кејот до оградниот ѕид на речното корито (КП 13677/1), како пресечна точка со југозападната граница на контактната зона;

– Југозапад – границата започнува од пресечната точка со југоисточната граница на контактната зона и се движи во правец на северозапад по оградниот ѕид на кејот (КП 13677/1) до точката на сечење со правецот на северозападната граница на КП 9550/1, како пресечна точка со северозападната граница на контактната зона;

–  Северозапад – границата започнува од пресечната точка со југоза­падна­та граница на контактната зона и се движи во правец на североисток, прво низ кејот (КП 13677/1) а потоа по северозападната граница на КП 9550/1 и низ тротоарот и делот на коловозот на ул. „Лазар Личеноски“ (КП 13729/1) до оската на таа улица, како пресечна точка со североисточната граница на контактната зона и завршна точка на описот на границите на зоната.

Член 6

За Спомен – куќата се утврдува режим на заштита од прв степен со следниве мерки на заштита:

– задржување на постојната форма и големина на парцелата (катастарска и градежна) на која се наоѓа самиот објект;

– задржување на постојниот габарит, катност, тип на кров и кровен покривач од керамиди, како и на сите други автентични архитектонски елементи на објектот – конструктивен систем, изглед на фасадите, број, ритам, форма и димензии на отворите, пристапни и внатрешни скали, трем, лоѓија, тераса и тип на нивно оградување, материјал и техника на изведба;

– задржување на мозаиците и на другите ликовни содржини во објектот, на неговите фасади и во дворот, на местата кадешто трајно се споени или се поставени на друг начин трајно да ѝ служат на недвижноста;

– редовно одржување и преземање мерки на непосредна заштита на архитектурата и ликовните содржини што се составен дел на недвижноста (превентива, конзервација, реставрација, санација), по потреба;

– одржливо користење на објектот со негова ревитализација како музејски простор;

– спречување на појави, влијанија и дејства со кои се врши или може да настане оштетување, уништување или нарушување на интегритетот на објектот;

– забрана за градење нови објекти во дворното место;

– забрана за подигање меморијални споменици и спомен обележја во границите на доброто што не се поврзани со животот и делото на ликовниот уметник Лазар Личеноски;

– забрана за поставување рекламни паноа, антенски и слични инсталации и опрема, плакати, натписи и какви било други ознаки, со исклучок на тие предвидени со прописите за заштита на културното наследство или со други прописи.

Член 7

За контактната зона на Спомен – куќата се утврдува режим на заштита од трет степен со следниве мерки на заштита

– задржување на постојната намена на отворените јавни простори вклучени во границите на контактната зона;

– контрола на уличната мрежа и другата инфраструктура во границите на контактната зона, со чие планирање и/или уредување, вклучувајќи и работи на реконструкција по потреба, би се попречило соодветното функционирање на заштитеното добро;

– контрола на габаритите и висината на објектите во границите на контактната зона, доколку со несоодветни интервенции (доградба, надградба или изградба на нови објекти на местото на постојните или на празна локација) би се нарушиле визурите на заштитеното добро;

– исклучување на можноста за паркирање на моторни возила и да се формираат паркинг места на пристапната улица вклучена во границите на контактната зона.

Член 8

Покрај мерките на непосредна заштита од членовите 5 и 6 на оваа одлука, за Спомен – куќата се утврдуваат и следниве други мерки на заштита:

– означување на Спомен – куќата со меѓународни знаци, национален знак за заштита и други информативни ознаки предвидени со националните прописи и ратификуваните меѓународни договори од областа на заштитата на културното наследство;

– хортикултурно уредување на дворното место и негово соодветно оградување;

– илуминација на објектот;

– ехничко обезбедување на објектот со соодветни системи за електронски надзор, дојава и гаснење на пожар и неповикан пристап;

– затскривање на инсталациите и опремата за инфраструктурните мрежи, на начин што обезбедува да не бидат видливи на објектите и во просторот на заштитеното подрачје;

– заменување на постојните внатрешни инсталации и придружна опрема со нови (електрична, водоводна, канализациона, фиксна телефонија), нивно приспособување и изведба на нови за потребите на користењето на објектот според музејските стандарди;

– обезбедување на достапност на јавноста во согласност со прописите за заштита на културното наследство;

– вклучување на недвижното добро и неговото заштитено подрачје во предметните видови просторни и урбанистички планови и во други плански инструменти на општинско, градско и национално ниво, таму каде што тоа не е направено (во стратегии, акциски и други планови, програми и сл.), особено во областа на заштитата на животната средина и природата, регионалниот и локалниот развој, туризмот и другите допирни области, како и во областа на културата и заштитата на културното наследство;

– преземање на подготвителни, превентивни, корективни и мерки на претпазливост заради заштита на предметното добро од кражба и други противправни дејства, деструктивни ефекти од загадување, бучава, вибрации, пожар, поплава и слични непогоди, вооружен судир и други опасности со кои се загрозува или се нарушува неговиот интегритет.

Член 9

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Bookmark the permalink.

Comments are closed