Не можевме поубаво да ја завршиме годината во која прославуваме 20. години од основањето на Управата за заштита на културното наследство, отколку заедно денес, да оддадеме почит на носителите на уште едно нематеријално културно добро кое изминатата недела го впишавме во Репрезентативната листа на УНЕСКО.
Номинацијата беше подготвена со меѓусебна координација составена од претставници од Управата за заштита на културното наследство и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје, како и експертскиот тим на Министерството за култура на Република Турција, кои заедно со гајдаџиите кои ја поддржаа номинацијата . Ова е вистински пример за соработка која носи успеси!
Македонската гајда со својот уникатен звук, сега официјално е дел од светската културa, заедно со нашите драги традиции како „Чет’рсе“, „Копачката“, „Гласоечкото пеење“, „Х’дрлез“ и „Мартинките“. Ова е потврда за нашата културна посебност и идентитет.
Македонксата гајда благодарение на неколкумина професионални музичари од народниот оркестар на Македонската радио и телевизија, денес и од Ансамблот Танец, од втората половина на 20 век наваму, преку нивните меѓународни семинари, го проширија знаењето и вештините на свирење македонска гајда на три континенти. Денес ќе најдете нејзини поклоненици и на Американско тло, и на Европско и на Австралиско тло. Ја свират припадници од сосем различни култури од македонската, таа стана и студиски музички инструмент кој е дел не само од фолклорната музичка сцена, но и од поп, рок и другите жанри од музичката култура.
Со впишувањето во УНЕСКО, македонската гајда, добива на својата видливост на светската сцена, ја подига свеста за нашата македонска посебност, и пред се’ ги отвора портите за уметничка, изведувачка размена во еден широк круг на култури кои имаат слични музички инстирументи, а кои се веќе вмрежени во светска федерација на гајдаџии.