Управата за заштита на културното наследство подари публикации на библиотеката АЛ-БИ во с.Бабино по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, во рамките на Европската година на културното наследство 2018

На 21.04.2018 г. во село Бабино, општина Демир Хисар, свечено беше одбележан Светскиот ден на книгата и авторското право во организација на приватната библиотека АЛ-БИ, основана во 1882 година со фонд од преку 20.000 книги. На настанот присуствуваше и делегација од Управата за заштита на културното наследство која во својата програма за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, а по повод Светскиот ден на книгата и авторското право, ги промовираше и подари досега отпечатените 40 изданија од едицијата „Најзначајните вредности на културното и природното наследство на Република Македонија“. Овие монографски публикации имаат за цел да ги доближат најзначајните археолошки локалитети, профани и сакрални објекти и природни богатства до домашната и меѓународна публика и да придонесат кон збогатување на библиографскиот фонд за културните и природните добра од нашата земја.

По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, на настанот во село Бабино беше прочитана пораката од министерот за култура на Република Македонија, м-р Роберт Алаѓозовски, а свои обраќања имаа г. Стево Степановски, сопственик и колекционер на библиотечниот материјал во библиотеката АЛ-БИ, градоначалникот на општина Демир Хисар, г. Марјанче Стојановски и м-р Кристина Бицева, претставник на Управата за заштита на културното наследство.

Во рамките на овој настан, Управата за заштита на културното наследство спроведе и работилница за учениците од ОУ ,,Гоце Делчев“ од Демир Хисар и ОУ ,,Браќа Миладиновци“ од село Жван, насловена како ,,Го идентификуваме нашето наследство (движно и недвижно)“. На работилницата, учениците на интерактивен начин се запознаа со видовите културно наследство во Република Македонија и со културното наследство кое се наоѓа на територијата на општина Демир Хисар. Во рамките на работилницата се одржа и квиз каде децата се запознаа со работата на УНЕСКО.


Bookmark the permalink.

Comments are closed