Управата за заштита на културното наследство учествуваше на Tретата регионална експертска средба во Ерменија

Од 18 до 22 април 2018 година во Ереван – Ерменија се одржа Третата регионална експертска средба за одржливо управување со Светско наследство од религиски интерес фокусирана на Југоисточна Европа. На средбата која беше во организација на Министерството за култура на Ерменија, Центарот за Светско наследство на УНЕСКО и Националната комисија за УНЕСКО на Ерменија, учествуваа преставници од 9 земји (Ерменија, Финска, Македонија, Грузија, Грција, Ватикан, Полска, Руската Федерација, Украина), Центарот за светско наследство на УНЕСКО, советодавните тела (ИКОМОС, ИУЦН) како и преставници од Ерменската Апостолска црква и Руската православна црква. Главен акцент беше даден на потребата да се воспостави конзистентен дијалог помеѓу надлежните институции и верските организации/заедници одговорни за заштита на светското наследство.

Конференцијата имаше пет главни цели:

  • Да се зајакне дијалогот со учество на меѓународни експерти, носителите на одлуки, управителите на локалитетите и различните верски заедници кои ќе овозможат размена на ставови за најдобрите практики за подобрување на долгорочното управување со добрата од религиски интерес.
  • Да се разговара за односите помеѓу религиските заедници, националните власти и меѓувладините организации и за улогата што треба да ја имаат верските заедници во долгорочното управување и зачувување на светското наследство од религиски интерес.
  • Да се идентификуваат главните пречки во доменот на заштитата, конзервацијата и интегрираното управување со светското наследство од религиски интерес.
  • Да се дискутира за развој на стратегија и соодветни механизми за стекнување на детално познавање на националните специфики во заштитата и управувањето со културното и природното наследство од религиски интерес и за консолидирање на знаењата за развој и практична примена на националните политики и закони во овој домен.
  • Да се изготват препораки за развој на општи упатства во врска со управувањето со културното и природното наследство од религиски интерес во согласност со националните специфики што произлегува од Одлуката на Комитетот за светско наследство (35 СОМ 5А).

На конференцијата од страна на учесниците беа презентирани искуставата со управувањето со светското наследство од религиски интерес, а беше разговарано и за зајакнување на соработката во заштитата на религиското наследство на сите нивоа, надминување на административниот јаз помеѓу институциите што се занимаваат со прашања поврзани со локалитетите од светското наследство (национални и меѓународни) и верските заедници и поддржување на интегриранот пристап за управување.

Република Македонија ја преставуваше м-р Зоран Павлов, раководител на Секторот за меѓународна соработка, документација и дигитализација на културното наследство во Управата за заштита на културното наследство, кој пред присутните го презентираше Управувањето со светото (културно) наследство во Охридскиот регион – помеѓу можностите, реалноста и предизвиците.

Од конференцијата резултираа Препораки за заштита на Светското наследство од религиски интерес кои беа усвоени од сите учесници.

Bookmark the permalink.

Comments are closed