Учеството на Република Македонија на 47. сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО

Во периодот од 6 до 16 јули 2025 година, во седиштето на УНЕСКО во Париз се одржа 47. сесија на Комитетот за светско наследство. На дневниот ред беа разгледани клучни теми поврзани со зачувувањето на светското наследство, впишувањето нови добра на Листата на светско наследство, како и состојбата со впишаните добра што се соочуваат со закани, со посебен фокус на добрата кои се веќе впишани на Листата во опасност.

Сесијата ја следеа делегати од државите членки, претставници на советодавните тела, меѓународни организации и набљудувачи. Донесените одлуки имаат долгорочно значење за глобалната заштита на културното и природното наследство.

Како една од точките на дневниот ред, Комитетот ја разгледа и состојбата со заштитата на Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Со одлука донесена на оваа сесија, на Република Македонија и на Република Албанија им се даде дополнителен период од една година за спроведување на корективните мерки и реализација на активностите утврдени со претходните мисии и препораки на УНЕСКО. Оваа одлука е резултат на заедничките заложби на македонската и албанската делегација, со поддршка од земјите на меѓународната заедница.

Одлуката претставува значаен поттик за натамошно унапредување на заштитата на доброто и ја нагласува неопходноста од итна и одговорна имплементација на мерките базирани на препораките од реактивните мониторинг мисии од 2020 и 2024 година, како и на Стратегискиот план за рехабилитација. Неопходна е засилена координација меѓу сите надлежни институции – Министерството за транспорт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за заштита на културното наследство, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и вклученост на домашните експерти.

Управата за заштита на културното наследство, во рамките на своите надлежности, останува посветена на процесот на зајакната заштита на доброто и активно ќе придонесува во меѓуинституционалната координација, подготовката на потребните документи и реализацијата на предвидените мерки во согласност со препораките на УНЕСКО.

Сите засегнати страни имаат обврска да делуваат одговорно, со цел зачувување на Исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион за сегашните и идните генерации.

Bookmark the permalink.

Comments are closed