Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во с.Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење

Со Одлука бр. 44-5365/1 од 10.10.2017 година објавена во  („Службен весник на Република Македонија“ бр. 147/17) Владата на Република Македонија ја прогласи Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во с.Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Својството споменик на културата на Црквата Св.Ѓорѓи Победоносец, во с.Младо нагоричане, општина Старо Нагоричане е утврдено со Решение бр.35 од 10.02.1953 година, на Централен завод за заштитување на културните споменици и природни реткости во Македонија. Со донесувањето на Одлуката за прогласување на Црквата Св.Ѓорѓи Победоносец во с.Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, се обезбедува воспоставување трајна заштита на доброто и негова категоризација, согласно со Законот за заштита на културното наследство.

Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец со својата импозантна градба е еден од најрепрезентативните и најмонументалните споменици во Кумановскиот регион од времето на османлиското владеење. Иако, дедикацијата, архитектонската концепција и сликарската програма укажуваат дека е градена по углед на црквата Св. Ѓорѓи во Старо Нагоричане, сепак има свои специфични решенија и карактеристични обележја што претставуваат сведоштво за времето кога е подигната и насликана. Таа специфика се гледа во архитектонската концепција, каде покрај угледувањето на старонагоричанската црква, се присутни облици карактеристични за времето во кое настанала, како што се елементи повлијаени од исламското, односно грузинско-ерменското градителство. Особено е интересна полихромната декорација на фасадите, но и впечатливата пластичната декорација застапена на бифорите.

Сликарската програма т.е. тематско-иконографската концепција е воглавно преземена од старонагоричанската црква, меѓутоа има и извесни отстапки, промени, дополни и поинакви решенија. Програмската концепција, богатството на теми, циклуси и претстави, иконографските и стилските особености ја сместуваат црквата во кругот на значајните остварувања од поствизантискиот период.

Поради наведените архитектонски и уметнички вредности, автентичноста и зачуваноста, црквата заслужува да биде прогласено за културно наследство од особено значење, подкатегорија – културно наследство од големо значење.

 

 

Врз основа на член 41 став 2 од Законот за заштита на културното наследство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 20/04, 115/07, 18/11, 148/11, 23/13, 137/13, 164/13, 38/14, 44/14, 199/14, 104/15, 154/15, 192/15 и 39/16), Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10.10.2017 донесе

 

ОДЛУКА

за прогласување на Црквата Св. Ѓорѓи Победоносец во с.Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење

 

Член 1

Црквата Св.Ѓорѓи Победоносец во с.Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане (во натамошниот текст: Црквата), подигната во втората половина на ХVI век (сликарството од крајот на ХVI век и почетокот на ХVII век) која претставува споменик на културата се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Со прогласување на Црквата за културно наследство од особено значење поткатегорија големо значење, се овозможува:

  • трајно зачувување на Црквата во изворна состојба;
  • создавање на поволни услови за опстанок на Црквата и задржување на интегритетот на сите податоци што таа ги носи со себе како сведоштво;
  • ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Црквата и за нејзината улога во културната идентификација;
  • оспособување на Црквата според нејзината намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, верските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството.

Црквата заради својата архитектонска, градежничка, историска, уметничка и документарна вредност, својствата како автентичност, единственост, разновидност, интегралност, зачуваност, старост и припадност, културната и техничката функција и културно, историско, уметничко и техничко значење, изразено преку неговата градба, архитектонската концепција и функционалната просторна организација, стилските влијанија и декоративните елементи на фасадите како и зачуваното ѕидно сликарство во ентериерот, е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на општествено економските и културно историските прилики во Република Македонија.

Член 2

Црквата  се наоѓа во подрачјето на општина Старо Нагоричане, на КП 2933, КО Младо Нагоричане, со координати: Х = 42° 10’ 23’’,  Y = 21° 48’ 42’’, на надморска височина од 443 м и зафаќа површина на ,,зпз” од 153 м2..

Член 3

Составен дел на Црквата како заштитено добро се следните недвижни добра по намена:

Трикатен иконостас на кој има регистрирани икони со бр.15001-15031. На трите појаси се следните икони: Вознесение на пророк Илија (рег.бр.15002), Св.Константин и Елена (рег.бр. 15003) Архангел Михаил ја вади душата на богатиот (рег.бр.15004), Вознесение Христово (рег.бр.15005), Св.Недела (рег.бр.15006), Вознесение Христово (рег.бр.15007), Св.апостол Тома (рег.бр. 15009), Св.Великомаченик Димитриј на коњ (рег.бр.15010),  Св.Евангелист Лука (рег.бр.15012), Св.Апостол Андреј (рег.бр.15013), Св.Апостол и евангелист Матеј (рег.бр.15014), Св.Апостол Павле (рег.бр.15015), Св.Апостол Петар (рег.бр.15016), Св.Евангелист Марко (рег.бр.15017), Св.Евангелист Јован (рег.бр.15018), Св.Апостол Тома (рег.бр.15019), Богородица со Христос (рег.бр.15020)- престолна икона, Св.Ѓорѓи Великомаченик (рег.бр.15021)- престолна икона, Исус Христос Седржател (рег.бр.15022)- престолна икона, Царски двери (рег.бр.15023), Св.Трифун (рег.бр.15024), Св.Симеон Столпник (рег.бр.15026), Благовештение (рег.бр.15027), Архангел Михаил (рег.бр.15029) – иконо – врата кон протезис, Св.Димитриј (рег.бр.15030)-иконо-врата кон ѓаконикон и Св.Јован Претеча (рег.бр.15031)-престолна икона.

Член 4

За заштитеното добро границите се дефинираат во границите на КП 2933, КО Младо Нагоричане, и се утврдува следниот опис на истите:

  • јужната граница – по должината на оградниот ѕид кој од црквата е на оддалеченост од 20 метри, односно на самата граница на парцелата;
  • западна граница – дворната површина т.е. површината на која се протегаат гробиштата во должина од 28 м западно од црквата;
  • северната граница – просторот од црквата до просторот под карпата во должина од 28 м;
  • источната граница – опфаќа површина од 28 м источно од црквата.

Член 5

 За Црквата се утврдуваат три ( 3) контактни зони, и тоа КЗ – 1, КЗ – 2 и КЗ – 3, со следниот опис на границите:

Контактната зона 1 ја опфаќа целата останата површина на КП 2933 надвор од предложените граници на доброто, така што на северната страна се граничи со КП 2932, на источната страна со КП 2719/1, на југоисточната страна со КП 4150/2 и КП 2935, на јужната страна со КП 2934, а на западната страна со КП 2939, КП 2936/2 и КП 2936/3;

Контактна зона – 2 го зафаќа просторот југоисточно од црквата, односно КП 2935 во кој се наоѓа ЈЗУ Здравствен дом, така што од на северната страна се граничи со КЗ – 1 , на источната страна со КП 4150, КП 4150/1 и КП 4150/2, на јужната страна со главната улица КП 4332 и на западната страна со КЗ – 3.

Контактна зона – 3 го зафаќа просторот јужно од црквата, односно КП 2934 која што на северната страна се граничи со КЗ – 1, на источната страна со КЗ – 2, на јужната страна со главната улица КП 4332 и на западната страна со КЗ 1.

Член 6

За Црквата се утврдува режим на заштита од прв степен со следните мерки на заштита:

  • задржување на постојната состојба на архитектурата, ѕидното сликарство и недвижноста по намена и преземање мерки за непосредна заштита: превентивна заштита, санација, конзервација, реставрација со кои ќе се спречи понатамошното оштетување;
  • непосредна заштита исклучиво на начин со кој ќе се зачуваат историските, архитектонските и уметничките вредности и содржини;
  • забрана за градење на нови и/или поставување на привремени објекти во границите за кои е предвиден режимот на заштита;
  • забрана за поставување на рекламни паноа и други инсталации и натписи, со исклучок на меѓународните знаци и официјалните ознаки предвидени со прописите за заштита на културното наследство;
  • забрана за нови закопи/погребувања во непосредна близина на црквата, особено на местото на веќе постоечките постари гробни обележја на кои не смеат да се вршат промени;
  • функцијата/намената со цел одржлив развој на предметното добро треба да биде усогласена со мерки за заштита согласно прописите за заштита на културното наследство;

Член 7

За контактните зони на Црквата се утврдува режим на заштита од трет степен со следните мерки на заштита

  • дозвола за закопи/погребувања;
  • задржување на постојната состојба на изградените објекти, со можност за градежни интервенции со прилагоден архитектонски израз и ограничување во поглед на габаритот и катната висина на објектите, со што не би се нарушиле визурите и не би се попречила достапноста на Црквата;
  • контрола на несоодветно планирање на уличната мрежа и друга урбана инфраструктура за да не се попречи функционирањето на Црквата.

Член 8

Покрај мерките на непосредна заштита од членовите 5 и 6 од оваа одлука, за Црквата се утврдуваат и следниве други мерки на заштита:

  • вклучување на заштитеното добро и подрачје во соодветните просторни и урбанистички планови на општината Старо Нагоричане со пропишан режим на заштита;
  • преземање превентивни и корективни мерки против деструктивни ефекти од бучава, удари и вибрации предизвикани од машини и возила;
  • презентација и популаризација на доброто преку објавување научни и стручни публикации, популарни изданија, брошури, поголема застапеност во мрежните локации на Интернет на повеќе јазици, организирање на туристички тури;
  • изработка и одобрување на елаборат за безбедносна процена на ризиците од незаконски дејствија и донесување на планови за безбедносна заштита на заштитеното добро и подрачје;
  • обезбедување достапност на јавноста согласно прописите за заштита на културното наследство;
  • конзерваторски мониторинг / редовни специјалистички увиди со кои ќе се следи состојбата;
  • партерно и хортикултурно уредување и одржување, како и илуминација на дворниот простор;

Член 9

Оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

 

Bookmark the permalink.

Comments are closed