ЈАПОНЦИТЕ ПОКАЖАА ГОЛЕМ ИНТЕРЕС: Македонското културно наследство презентирано во Токио (ФОТО)

Објавено од: www.telegraf.mk

Ова е прво претставување на Управата надвор од европскиот континент, меѓу стотици земји од цел свет и меѓу многубројна азиска публика која пројавува огромен интерес за Македонија

Управата за заштита на културното наследство го презентира домашното културно наследство во јапонската престолнина Токио пред огромна публика во престижната изложбена сала Токио Биг Сајт на Саемот за туризам Јата, кој се одржува до 25 септември.

Ова е прво претставување на Управата надвор од европскиот континент, меѓу стотици земји од цел свет и меѓу многубројна азиска публика која пројавува огромен интерес за Македонија. Она што највеќе ја импресионира јапонската публика е токму културното наследство и богатото историско минато на нашата земја, што културолошки е нешто сосема различно од овдешното.

Македонско_културно_наследство_на_Саем_во_Јапонија8.jpg

– Деновиве во Токио, покрај останатите книги за врвните вредности на македонското културно наследство, за прв пат го издигаме, кон сонцето над Јапонија, што тука над палатата Tokyo Big Sight, повеќе стотини илјади души дојдоа да го видат, и најсветиот факел на нашата научна вистина. Тоа е книгата The Аncient Kingdom of Macedonia and the Republic of Macedonia, што за прв пат низ 12те поглавја, научно: археолошки, нумизматички, историски, територијално, докажува дека македонските кралеви владееле врз целата територија на денешна Република Македонија. Книгата е наменета за сите амбасадори, за сите политичари, за сите лаици, за сите професионалци, за сите политички партии, за сите човечки души во Светот и во Македонија, кои што макар и малку се сомневаат во правото, оваа територија да се нарекува Македонија – вели проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, директор на Управата за заштита на културното наследство.

На домашниот штанд се презентираат веќе познатите наслови од книжевниот проект „Најзначајните вредности од областа на културното и природно наследство на Република Македонија“ и тоа, Црквата Св. Пантелејмон во Нерези, Манастир Зрзе, Висока и Старо Бонче, Шарената џамија – Тетово, Скупи, Скопско Кале, Стибера, Хераклеја Линкестис и Тетовско Кале, но и уште десет нови изданија: Античкото кралство Македонија и Република Македонија на проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, Игор Ширтовски, Владимир Атанасов, Виктор Симоновски и Филип Аџиевски, потоа Св. Ѓорѓи во Курбиново, Виничките теракоти, Св. Богородица Елеуса во Вељуса и Манастир Матејче на проф. д-р Елизабета Димитрова, Таор на Киро Ристов, Тумба-Маџари на д-р Драгиша Здравковски, Баргала на д-р Трајче Нацев, Манастир Трескавец на м-р Александар Василески и Маркови Кули – Прилеп на д-р Бранислав Ристески.

Македонско_културно_наследство_на_Саем_во_Јапонија4.jpg

На Саемот во Токио присуствуваше и Андријана Цветковиќ, амбасадорката на Р. Македонија во Јапонија, која одржа и предавање за Македонија како потенцијална туристичка дестинација и земја со огромно културно наследство и историја. Саемот за туризам Јата е голем интернационален настан на кој годинава има 1.600 изложувачи. Саемот е поделен во шест хали, од кои една е посветена само на јапонската култура и традиција а останатите пет хали се посветени на Европа, Америка, Африка и Австралија.

Македонско_културно_наследство_на_Саем_во_Јапонија9.jpg

Покрај Македонија, на туристичкиот настан во Токио се претставуваат и Србија, Хрватска, Словенија, Албанија, Унгарија, Бугарија, Италија, Франција, Шпанија, Луксембург, Кина, Тајланд, Шри Ланка, САД, Египет, Намибија, Узбекистан, Мексико и многу други. Акцентот на саемот е ставен на културата и традицијата прикажана преку религија, археологија, танци, природа, музика и гастрономија.

 

Bookmark the permalink.

Comments are closed