20 години Управа за заштита на културното наследство

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН), формирана со Законот за заштита на културното наследство, беше основана како клучна институција во рамките на Министерството за култура со својство на правно лице, на која и беше доверена управно-правната заштита на нашето недвижно, движно и нематеријално културно наследство. Означувајќи значајна пресвртница во културниот пејзаж на нашата земја, со основањето на Управата на 10 мај 2004 година (кога е именуван нејзиниот прв директор), се воспостави повисок стандард во организирањето на службата за заштита, а Управата го доби клучното место во системот на заштитата и управувањето со културното наследство, водена од цврстата посветеност за негово трајно зачувување и светска промоција.

Одбележувањето на 20-годишнината од формирањето на Управата за заштита на културното наследство претставува момент за славење, но и за рефлексија и обнова на посветеноста кон нашата благородна кауза. Во текот на изминатите две децении, УЗКН се движеше низ динамични општествени промени и глобални предизвици, премрежија кои имаа свое влијание како врз состојбата, така и врз третманот на културното наследство. Во свет каде културното наследство се соочува со постојани закани и предизвици, останавме посветени на неговата заштита. Нашите напори се протегаат надвор од само зачувување; тие опфаќаат активно ангажирање, промоција и одржливо управување со нашите културни добра. Воедно, континуираната соработка со останатите институции одговорни за заштита и управување со културното наследство, вклучувајќи ги Министерството за култура, музеите, заводите за заштита, конзерваторските центри, библиотеките, Кинотеката и другите релевантни тела, е од суштинско значење за нашиот успех. Преку партнерства и заеднички иницијативи, континуирано се стремиме кон зголемување и подобрување на нашите капацитети и ресурси за зачувување и промовирање на нашето наследство.

Во овие мигови, оддаваме длабока почит и признание и на неуморните напори на стручните лица кои работеа и сѐ уште работат во Управата за заштита на културното наследство. Нивната посветеност и експертиза се од клучно значење за заштитата на нашето културно наследство и негово пренесување на идните генерации. Ја изразуваме нашата искрена благодарност до сите оние кои придонесоа кон оваа заложба.

Одбележувајќи пресвртница со овој значаен јубилеј, да ја потврдиме и нашата заедничка посветеност и колективна одговорност за зачувување на нашето културно наследство кое претставува извор на нашиот идентитет и традиција, како и непресушна инспирација и гордост. Неопходно е да се согледа дека заштитата на културното наследство не е единствено одговорност на институциите, туку колективен потфат кој бара активно учество на секој граѓанин, од најмала возраст па наваму. Остануваме посветени кон исполнувањето на целите на заштитата во насока на враќање и зајакнување на законските функции на Управата за подобра заштита на културното наследство. Заедно, да го заштитиме и негуваме нашето културно наследство за сегашните и за генерациите кои доаѓаат.

м-р Зоран Павлов,

в.д. Директор на УЗКН

 

Bookmark the permalink.

Comments are closed