IN MEMORIAM ЈОВАН РИСТОВ (1949 – 2018)

IN MEMORIAM

ЈОВАН РИСТОВ

(1949 – 2018)

На 06.12.2018 година почина нашиот колега и првиот директор на Управата за заштита на културното наследство, Јован Ристов. Јован Ристов е роден на 25 октомври 1949 година во с. Дреново, Кавадарци. На Правниот факултет во Скопје дипломирал во 1972 година. Во 1975 година се вработува во Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, каде што обавувал повеќе одговорни функции, како во установата така и во повеќе надворешни тела и комисии. Во 1976-77 година бил раководител на Бирото за евиденција, документација и информатика во установата. Во 1984 година бил на стручна специјализација во Франција. Во 1984-85 година бил в.д.  директор во РЗЗСК, а во 1985-87 година и в.д. технички директор на установата. Во периодот од 1987-1990 бил на должност помошник на претседателот на Републичкиот комитет за култура, одговорен за заштитата на културното наследство директор. Во два мандати бил директор на РЗЗСК (1990-1999 и 2002- 2004). Во 2004 е назначен за прв директор на Управата за заштита на културното наседство.

Јован Ристов бил член на Комисијата на Сојузниот Извршен совет за координација на примената на ратификуваните меѓународни конвенции за заштита на културните добра (1978-1982), член на Меѓурепубличкиот одбор за спречување на кражби, шверц и пренос на сопственост на културни добра (1977-1980), член на Одборот за соработка со Унеско при Републичката комисија за културни врски со странство (1979-1982), член на Републичкиот комитет за култура (1986-1987), член на стручниот одбор за култура на националната комисија за УНЕСКО (1995-98) и член на повеќе други стручни и општествени тела и еден од најистакнатите членови на Македонскиот национален комитет на СИНИОТ ШТИТ, ИКОМОС.

Негова професионална насоченост беше правната заштита на културното наследство, а потесна специјалност – меѓународно правна заштита и компаративното споменичко право. Има објавено повеќе статии и публикации во земјата и странство на различни теми од доменот на споменичкото право, од кои најзначајни се следните:

  • Студија за кривично-правната заштита и криминолошките аспекти за заштита на спомениците на културата, 1991 г,
  • Споменичка терминологија – генерички поими за заштитени добра со избор на дефиниции, 1997 г,
  • Хашкиот протокол од 1999 г. за заштита на културните добра во случај на вооружен судир, 2002 г,
  • Споменичко право во Македонија, том 1, 2003 г,
  • Правен режим на археолошките истражувања и случајните откритија, 2006
  • Темелни Акти на УНЕСКО за културното наследство, 2006,
  • Кон законот за заштита на културното наследство,
  • Инструменти за заштита на културното наследство, 2008г
  • Интегрирана заштита на културното наследство – правни аспекти, 2011г
  • Приватно колекционирање на културни добра – правни аспекти, 2015г
  • Извори на споменичкото право, 2018.

Јован Ристов е автор на бројни други трудови, стручно-административни материјали во различни области на заштитата во кои што постави високи стручни и научни стандарди во заштитата на културното наследство.  Неодминлив е неговиот придонес во изготвувањето на Законот за заштита на културното наследство од 2004 година. Како автор на Законот и како креатор на Управата за заштита на културното наследство, Јован Ристов беше кратко време директор на оваа установа што требаше да го заживее Законот и да ги постави новите стандарди во дејноста. Неговата смена негативно се одрази на овие процеси. Јован Ристов беше исклучително посветен работник во заштитата на културното наследство со значителен придонес за развојот и унапредување на дејноста. Неговата отвореност како колега и долгогодишен раководител, секогаш беше во служба на пружање безрезервна поддршка и стручна помош, совети и интерпретации за бројни прашања од правните аспекти во заштитата на културното наследство.

Голема благодарност за се што направи за дејноста, службата и за неговата колегијалност како голем џентлемен.

Споменот за него ќе остане во наше трајно сеќавање.

Нека му е вечна слава на нашиот Јово.

Bookmark the permalink.

Comments are closed