Делегација од Управата за заштита на културното наследство присуствуваше на завршната конференција на Европската година на културното наследство 2018 #EuropeForCulture

На 6 и 7 декември 2018 год., во Виена, Австрија, во организација на Австриското претседателство со Советот на Европската Унија, се одржа конференцијата #EuropeForCulture како завршна конференција на Европската година на културното наследство 2018. На конференцијата присуствуваше делегација од Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката д-р Елеонора Петрова-Митевска, со стручните лица м-р Кристина Бицева-Стојковска и м-р Ана Алексова.

На овој значаен завршен настан на Европската година на културното наследство, бројни делегати од областа на културното наследство од Европа и од светот, на 6 декември, имаа можност да искусат четири културни рути во Виена на кои им беа презентирани проекти финансирани од Европската Унија за популаризација и вклученост на заедниците во заштитата и интерпретацијата на културното наследство од овој европски град.

На 7 декември, се одржаа неколку сесии на  кои беа презентирани заклучоците, предизвиците и следните чекори во заштитата, популаризацијата, вклученоста на заедниците и иновацијата во областа на културното наследство. Имено, на отворањето на конференцијата, свое обраќање имаше Министерот за култура на Австрија, г.Гернот Блумел, кој во своето обраќање истакна дека ,,Нашето културно наследство е богатство и сите ние сме негови наследници, и оттука имаме одговорност да се грижиме за него и да го сочуваме. Нашата цел беше да ја истакнеме вредноста на австриското и на европското културно наследство и да ја подигнеме свеста за негово зачувување. Културното наследство не е само наследство од минатото, туку е и двигател кој ја обликува иднината, а креативната работа денес, ќе биде културно наследство утре.“ На оваа сесија се обратија и г.Тибор Наврачич, Евро комесар за образование, култура, млади и спорт и г-ѓа Петра Камерверт, член на Европскиот парламент.

Понатаму, во рамките на овој ден, се одржаа паралелни работни сесии на тема Улогата и одговорноста на младите кон културното наследство; Културното наследство и одржливиот развој и Соочување со предизвиците на културното наследство, чии заклучоци беа презентирани на завршната сесија.

На крај, беше презентиран и Акцискиот план за културното наследство кој е резултат од сите активности реализирани во текот на Европската година на културното наследство и негова главна цел е воспоставување на заедничка насока за активности во областа на културното наследство на европско ниво, главно во однос на европските политики и програми. Истиот се базира врз четири клучни пристапи и тоа: холистички пристап, интегриран пристап и вклучување во главните политики, пристап базиран врз докази и соработка со сите засегнати чинители . Европскиот акциски план за културно наследство ќе им служи како инспирација на регионите и градовите во Европа и на организациите и мрежите при креирањето на сопствените активности и исто така, земјите-членки ќе бидат поканети да креираат слични акциски планови за културното наследство. Беше најавено и дека од 2019 година, секоја година ќе се одржува Форум за културно наследство кој ќе служи како платформа за соработка и размена на најдобри искуства од областа на културното наследство.

Учеството на оваа конференција беше во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018 како дел од меѓународните активности во рамките на оваа иницијатива, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

Bookmark the permalink.

Comments are closed