Македонска делегација учествуваше на конференција за културното наследство во Пловдив

 

 

 

https://www.mkd.mk/kultura/makedonska-delegacija-uchestvuvashe-na-konferencija-za-kulturnoto-nasledstvo-vo-plovdiv

Делегација од Управата за заштита на културното наследство на Република Македонија на 26 и 27 март учествувашена меѓународната конференција „Културното наследство: За поодржлива Европа“, која се одржа во Пловдив, Бугарија, во текот на бугарското претседателствување со Советот на Европската Унија, а во рамките на Европската година на културното наследство 2018.

На оваа значајна меѓународна конференција учествуваа околу 250 претставници и стручни лица од сферата на заштитата на културното наследство. Со цел промовирање на културното наследство како значаен ресурс за постигнување мир, единство и економски просперитет во Европа, конференцијата опфати бројни теми поврзани со културното наследство каде се разговараше за најдобрите методи и практики за унапредување на политиките за управување со културното наследство и подигнување на свеста за неговата вредност помеѓу пошироката јавност.

Оваа година, културното наследство е високо на агендата на Европската Унија, а според најавата на Еврокомесарот за образование, култура, млади и спорт, Тибор Наврачич, кој се обрати на отворањето на конференцијата, 2018-та година е само предвесник на фокусот на Унијата за понатамошна поддршка на културното наследство.

Присутните на конференцијата едногласно се согласија дека ваквиот моментум на политичка поддршка треба максимално да се искористи, а заедничкото европско културно наследство да стане клучен елемент во одржливиот развој на Европа, преку нагласување на економскиот и социјалниот придонес кое тоа го дава на општествата.

Партиципативноста, односно учеството на пошироката јавност во заштитата и управувањето со културното наследство беше препознаена како основна нишка и на стратешките документи за културното наследство на Европско ниво – Стратегијата 21 на Советот на Европа и најавената Стратегија за развој на културата на Европската Унија, која треба да биде објавена наскоро.

Делегацијата на Управата за заштита на културното наследство, предводена од директорката д-р Елеонора Петрова-Митевска, со стручните лица м-р Зоран Павлов и м-р Кристина Бицева, учествуваа на сесиите во рамките на оваа конференција и остварија повеќе средби со претставници од земјите-членки на Европската Унија и од меѓународни граѓански организации, меѓу кои и со заменик-министерот за култура на Бугарија, Амелија Гешева, и со генералниот секретар на Европа Ностра, Снешка Квадлих-Михаиловиќ, со цел остварување на соработка во сферата на заштитатана културното наследство во иднина.

Учеството на оваа конференција е во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018 како дел од меѓународните активности во рамките на оваа иницијатива, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство“.

Bookmark the permalink.

Comments are closed