Реакција од Управата за заштита на културното наследство во врска со Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година

Почитуван господине Филе,

Во врска со Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2011 година и неупотребата на зборот „македонски“ при посочувањето на јазикот на мнозинскиот македонски народ кој живее во Република Македонија во наведениот документ, сакаме да Ви ги упатиме нашите забелешки од позиција на надлежна владина институција задолжена за заштита на јазиците како културно наследство.

tЈазикот е систем од знаци што служат за меѓусебна комуникација, но кога вака дефинираниот јазик се поврзува со конкретен народ, тогаш го добиваме првиот и најпрепознатлив белег за определување на еден народ како посебен. Во оваа смисла, македонскиот јазик е рамноправен со сите јазици што се зборуваат на Земјата.

Заради големото цивилизациско, хуманистичко и историско значење на јазикот, воопшто, УНЕСКО во 2003 година ја донесе Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, во која го вградува и јазикот (член 2, став а ) како пренесувач на нематеријалното (духовното) културно наследство. Досега оваа конвенција ја имаат прифатено 137 земји-членки на УНЕСКО, од кои 34 се европски.

tРепублика Македонија во 2006 година ја ратификуваше Конвенцијата и ги вгради нејзините одредби во Законот за заштита на културното наследство, па така македонскиот јазик е прогласен за духовно културно наследство од особено значење.

tВаквиот третман на македонскиот јазик покажува системски и квалитативен приод на државата и кон меѓународното и кон домашното законодавство.

tТреба да се нагласи дека Република Македонија во овој сегмент покажува висок степен на демократичност и кон деловите од народите вградени во Преамбулата на Уставот на Република Македонија, односно кон нивните јазици, па така и дијалектите на албанскиот, на турскиот и на влашкиот јазик, кои автохтоно се развиле во рамките на Република Македонија, се прогласени за духовно културно наследство од особено значење.

tСето ова го истакнуваме за да покажеме дека Република Македонија многу доследно ги почитува меѓународните текови во зачувување на цивилизациските вредности, но неупотребата на зборот „македонски“, односно неговата замена со „јазикот на мнозинскиот народ во земјата“ во Вашиот Извештај предизвикува основан сомнеж за негирање на цивилизациската вредност наречена македонски јазик, а со тоа и непочитување на еден многу значаен акт на УНЕСКО, со кој, пак, му е дадено достоинствено место на јазикот како најголема привилегија на човекот.

tВашите оправдувања дека се работи за „технички пропуст“ или дека во документите на вашите институции „нема таква практика“ во најмала рака се наивни или несериозни.

tУправата за заштита на културното наследство, орган во состав на Министерството за култура, најостро го осудува обезличувањето на македонскиот јазик во Вашиот Извештај со употреба неутрални форми на изразување, а со тоа и обезличување на македонскиот народ, македонската земја, македонската традиција – македонскиот идентитет. Искрено се надеваме дека во иднина Европската комисија ќе го употребува содветното име на нашиот македонски јазик.

Примете ги, почитуван господине, изразите на нашето највисоко внимaние.

Паско Кузман,
директор

Bookmark the permalink.

Comments are closed