Археолошкото богатство пред очите на јавноста

Повеќе од 3500 артефакти пронајдени изминатата година на македонските локалитети, се изложени на големата изложба „Археологија 2011“, која е отворена во Музејот на Македонија. На 18-те наоѓалишта, на кои се истражуваше во текот на 2011 година, археолозите открија дури 19000 археолошки пронајдоци, од кои пред широката публика се претставени само највредните. Разгледувањето на поставката, како што забележаа тие кои веќе ја погледнаа, нуди ретка можност да се ѕирне во длабокото македонско археолошко минато, почнувајќи од праисториските времиња, па сѐ до средниот век. Златен накит, оружје, култните т.н. македонски бронзи, скулптури, керамички садови, монети и многу други предмети од различни епохи се само дел од оваа исклучителна постановка.

Експонатите се пронајдени на македонски археолошки наоѓалишта: Скопската тврдина, Скупи, Таор, Стоби, Антигонеја, Стибера, Хераклеја Линкестис, Плаошник, Самоиловата тврдина, Енгелана-Киклопски ѕидини, Исар-Марвинци, Вардарски Рид, Цареви Кули, Виничко Кале, Исарот-Штип, Баргала, Кокино и Тетовско Кале. Археолошката изложба се одржува традиционално по петти пат и е составен дел од Програмата на Владата на Република Македонија. Таа се реализира од музеите и заводите во Македонија, а во координација на Управата за заштита на културното наследство.

Bookmark the permalink.

Comments are closed