15 години од основањето на Управата за заштита на културното наследство

Управата за заштита на културното наследство е основана со Законот за заштита на културното наследство од 19 март 2004 година („Службен весник на Република Македонија” бр. 20/04), а отпочнува со работа на 10 мај 2004 година, денот кога е именуван нејзиниот прв директор. Со овој закон се отвори ново поглавје во заштитата на културното наследство во нашата држава, со воспоставување на нови и посеопфатни стандарди во третманот на наследството, со широка примена на меѓународните стандарди во дејноста и се воспостави нова организациона рамка и структура на заштитата за интегриран институционален пристап во покривањето на сите видови културно наследство. На тој начин, за првпат кај нас се воведе интегриран и воедначен правен систем за сите процедури во заштитата на трите основни видови културно наследство (недвижно, движно и нематеријално) со утврдување на надлежни установи за сите одделно и нивно координирање во хиерархијата на соодветни матични установи и структурирањето на Управата за заштита на културното наследство како стожерна установа за процесуирање на административните и стручни постапки во функционирањето на заштитата на културното наследство. Токму ваквата поставеност на Управата беше темелната промена од старата во новата законска регулатива, со што се воспостави повисок стандард во организирањето на службата за заштита, верификација на административно-стручните процедури и посеопфатен третман на културното наследство.

Управата за заштита на културното наследство има правен статус на орган на државната управа, од типот орган во состав. Како таква, таа е во состав на Министерството за култура и има својство на правно лице. Установата беше формирана во најголем дел со преземање на стручен кадар од некогашниот Републички завод за заштита на спомениците на културата и кооптирање на стручни лица за одделни работни места од повеќе други надлежни установи за заштита. На почетокот од своето постоење Управата иницираше повеќе стручни обуки за запознавање со новиот систем во заштитата на културното наследство и местото и улогата на надлежните јавни и други установи, како и на стручните лица од различни профили, за што поуспешно функционирање на истиот. Во текот на изминатите 15 години стручниот кадар во Управата по различни поводи се менуваше со нов и помлад кадар. Воедно, самата законска регулатива во овој период претрпи повеќе измени и дополнувања со што установата доби повеќе надлежности и овластувања. Од формирањето во 2004 година до денес со Управата раководеле четворица директори, и тоа: Јован Ристов, Паско Кузман, д-р Виктор Лилчиќ – Адамс и д-р Елеонора Петрова – Митевска.

Организационата поставеност на Управата со основачките акти е структурирана да ги опфати сите процеси и надлежности во третманот на заштитата на културното наследство. Со текот на времето оваа организациона структура претрпи исвесни измени и денес се состои од четири сектори и соодветен број одделенија во секој од нив, како и одделенија за управување со човечки ресурси и за финансиски прашања под директно управување на директорот. Четирите сектори се функционални единици со надлежност за идентификација заштита и користење на културното наследство, превенција и инспекциски надзор на културното наследство, нормативно-правни работи, правна заштита на културното наследство и општи работи, и меѓународна соработка, документација, дигитализација на културното наследство и ИТ.

Во рамките на ваквата организација на Управата се спроведуваат разновидни процедури и административно-стручни надлежности на кои се темели системот на заштитата на целокупното културно наследство. Управата ги води управните постапки по предмети од областа на заштитата на културното наследство и донесува управни акти согласно со овој закон; подготвува акти од областа на заштитата на културното наследство што ги донесува Министерството за култура; учествува во управни и други постапки, поврзани со културното наследство и неговата заштита, што ги водат други надлежни органи, во случаите утврдени со овој и друг закон; покренува иницијативи и поведува постапки пред надлежни органи, за работи што се од јавен интерес за културното наследство и неговата заштита. Воедно, Управата координира спроведување на национални и стратегиски значајните проекти, планови и програми во остварувањето на заштитата на културното наследство; предлага Национална стратегија за заштита и користење на културното наследство; Национален акциски план за превенција на криминалитетот против културното наследство и го координира неговото спроведување; ја координира меѓународната соработка во врска со заштитата на културното наследство и формира други координативни тела за различна проблематика. Значајни активности има Управата во следење и анализа на состојбата на културното наследство и во предлагање акти и мерки за остварување, развој и унапредување на неговата заштита; водење централна евиденција и посебни национални инвентари на културното наследство, во смисла на овој Законот и ратификуваните меѓународни договори; вршење класифицирање според Националната класификација на културното наследство; водење Националниот регистар на културното наследство; воспоставување, организирање и развој на Информативниот систем за културното наследство; вршење работи на безбедносна заштита и заштита на културното наследство во случај на вооружен судир и природни непогоди, како и редица други административни мерки. Управата врши и работи на заштита од физичко оштетување; управува со културното наследство во државна сопственост; ги врши работите во врска со остварувањето на правото на првенствено купување, утврдувањето на правичните надоместоци, висината на наградата за случајно откритие, и слично. Управата има и значајни надлежности во подготовка на планови и програми за заштита на културното наследство; ја следи примената на ратификуваните меѓународни договори од областа на заштитата на културното наследство, предлага и презема активности за остварување на правата и обврските што произлегуваат од нив и подготвува национални извештаи за нивната примена; ги врши работите на инспекцискиот надзор над спроведувањето на прописите за заштита на културното наследство согласно со овој закон; и ги води работите во врска со меѓународната соработка и помош во областа на заштитата на културното наследство.

Во изминатиот петнасетгодишен период на своето постоење Управата одговори на сложени и обемни надлежности и обврски. Но, за жал, еден дел од истите Управата досега не успеа во целосен капацитет да ги реализира, а одредени активности треба допрва да бидат имплементирани. Свесни за своите одговорни задачи и овластувања, вработените во Управата се исправени пред значителни предизвици што не произлегуваат само од нивните професионални капацитети, туку претставуваат фактори што проилегуваат од поширокиот културен, социјален и општествен контекст. Токму затоа, колективот на Управата има голема одговорност за натамошен развој на установата и системот на заштитата во целост, со убеденост дека во изминатиот период можеше и подобро и повеќе, но и со верба дека во иднина Управата ќе го оправда своето постоење и клучното место во системот на заштитата и во културата пошироко.

 

Bookmark the permalink.

Comments are closed